Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тренчевска обвинува дека нема пари за исплата на декемвриската пензија, Велковски вели: „Лага е, пензионерите да бидат мирни“

Тренчевска обвинува дека нема пари за исплата на декемвриската пензија, Велковски вели: „Лага е, пензионерите да бидат мирни“

Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска обвинува дека нема доволно пари во буџетот за исплата на декемвриските пензии.

„Власта прави директен удар врз најкритичните системи на државата. Состојбата со Фондот за пензиско осигурување е загрижувачка. Пари за исплата на декемвриските плати нема. Ставката е 100 отсто реализирана, односно пари нема, а нема ниту во Фондот. За сето тоа бројките се сведок и тие постојат во документите. Вие немате пари да префрлите до Фондот за да се исплати пензија. Или важно ви беше да ги искористите граѓаните пред изборите? Политиката за исплата на пензиите ви е на рамниште купи-продај ден. Кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, Фондот е во колапс“, вели Тренчевска.

Прашува и како можело да се остават 18 илјади пензионери без покачување на пензиите. 

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски вели дека сето тоа што го кажала Тренчевска е лага. 

„Па вие ги избркавте пензионерите од канцеларија кога ви бараа милостина. Ние ги примивме, отидовме во секој еден град да разговараме со нив, да видиме што се случува со овие луѓе. Раст им правевте по 70 денари, по 120 денари и викавте дека за пензионерите се доволни 14.000 денари за еден месец. Пензиите од 14.000 денари се 20.000 денари, тие што беа 20.000 денари се 26.000 денари и тие луѓе можат нормално да живеат. Немојте да сеете страв дека пензискиот фонд е пред колапс и дека немало да има пензии во декември. Граѓаните нека бидат мирни, пензии на 1 декември ќе има“, рече Велковски.

Тренчевкса пак, вели дека на наменската сметка од која треба да се трансферираат средства за пензии нема пари и го праша од каде државата ќе најде над 7 милијарди денари за исплата на пензиите.

„Препознатливи сте сите вие од ВМРО-ДПМНЕ со манипулации и лаги. Не сееме страв. Граѓаните и пензионерите заслужуваат да знаат од каде ќе бидат исплатени средствата, затоа што 100% ви беа исполнети средствата за трансферирање од министерството до ПИОМ. За разлика од вас, јас им ја зборував вистината на граѓаните и одевме по еден сигурен модел за покачување на пензии и стабилност на фондот. Вие го зголемивте дефицитот“, додаде пратеничката.

Слично

Поврзани вести