Треба или не треба да се вози со запалени светла преку ден?
Дел од граѓаните се уште се во двоумење и се прашуваат дали останува обврската за возење со запалени светла преку ден.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е во собраниска процедура, а амандманот го предложија пратеници од владеачката гарнитура со кој предлагаат обврската да остане задолжителна.
Значи, обврска е да возите со запалени светла и преку ден и преку ноќ.
Ако не ја почитувате обврската, ќе платите казна од 15 евра за возење без светла преку ден, односно 35 евра или 15 негативни поени за возење без запалени светла преку ноќ.
Во предлогот на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се наведува: Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилотозадолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот.
Оваа обврска не важи за возачите на запрежни возила и велосипедистите кога запрежното возило односно велосипедот го управуваат дење, освен во услови на намалена видливост.
На почетокот на месецов пратеничката група на владеачката партија најави дека ќе поднесе амандман со кој ќе бара и натаму да остане обврската возилата да се управуваат со запалени светла и дење, бидејќи како што образложуваат така се зголемува безбедноста во сообраќајот.
Поддршка овој амандман доби и од независната пратеничка Роза Топузовка Каревска која вели дека одредбата треба да претрпи одредени измени и дека најдобро би било обврската да остане.
Нола Исмајловска-Старова смета дека оваа одредба треба да остане, но и дека треба да се разгледа одредбата која се однесува на малолетниците кои сакаат да добијат дозвола за управување автомобил, но и други членови од законот.
„Безбедноста во сообраќајот е зголемена кога се вклучени светлата на возилото“, смета пак претставник на Мото заедницата Благоја Мартиновски.
