ТРАНСПАРЕНТНОСТ: Треба ли поголемо учество на бизнис-заедницата во работата на регулаторните тела?
Активностите и работењето на разните регулаторни тела кои се непосредно вклучени во процесот на регулирање на одреден сектор или дејност, на најдиректен начин влијаат врз условите за работа на деловните субјекти од определена област. И покрај тоа, многу се мали и ограничени можностите бизнис-заедницата активно да се вклучи во уредувањето на определени прашања, на начин што ќе има можност да ги изнесе потребите и проблемите со кои се соочуваат деловните субјекти во своето секојдневно работење.
Компаниите имаат потреба од поголема информираност за работата на регулаторните тела за да можат лесно да се обратат до нив или, пак, да остварат некое свое право, или на соодветен начин да придонесат за нивно поефикасно функционирање. Малку од овие институции, од кои само мал дел се поблизу препознатливи за бизнисот, се нивен вистински контролор, но воедно и сервис, а за поголемиот дел од нив се доведува во прашање транспарентноста на нивното работење, сметаат бизнисмените.
- Тргнувајќи од сознанието дека претставниците на бизнисот се најкомпетентни да ги презентираат стопанските состојби при градењето на законодавството, очекувано е дека ефектите од проширувањето на можностите за зголемено учество на бизнис- заедницата во работењето на овие тела би биле особено значајни и позитивни, пред се, поради можноста навреме да бидат информирани заинтересираните субјекти со прашањата што би се разгледувале на соодветните регулаторни тела и од нив би се обезбедувале потребните мислења, предлози и препораки- велат во Стопанската комора на Македонија.
Зголеменото вклучување на бизнис- заедницата во работата на регулаторните тела е едно од 19. барања што Стопанската комора ги упати до Владата и чека нивно брзо решавање, односно преточување во законски акти со цел да се подобри деловната клима во земјата. Во комората истакнуваат дека имајќи го предвид големото значење кое работењето на различните регулаторни тела го има врз состојбите на пазарот, се наметнува како нужност потребата да се обезбеди подобар степен на информираност за работењето на регулаторните тела спрема субјектите на кои се однесуваат одлуките кои ги донесуваат тие регулаторни тела.
- Наведеното се однесува во двете насоки: како овозможување прилика гласот на бизнис- заедницата во процесот на одлучување во различните регулаторни тела да се земе предвид (во насока на овозможување изворните информации за проблемите со кои се соочуваат деловните субјекти во секојдневното работење во определена област, но и состојбите во определени сектори да може да се проследуваат до телата кои одлучуваат за регулирањето на определена област), но и како постоење реални можности бизнис- заедницата навремено и целосно да добива информации за активностите и одлуките кои се донесуваат од определено регулаторно тело, како и активно да земе учество во работењето на овие тела, така што изречно законски ќе се нормира можноста за именување претставници на бизнис- заедницата во регулаторните тела- укажуваат од Комората.
