ТРАНСПАРЕНТНОСТ МАКЕДОНИЈА: Предлог буџетот за 2016 е скроен за престојните избори
Транспарентност Македонија го објави новиот извештај во чиј фокус овој пат е ставен предлог буџетот на Владата за 20165 г.
Од оваа организација нотираат дека овој буџет што го достави Владата е досега најголемиот буџет на државата, кој изнесува околу 40% од бруто домашниот производ на Македонија, посочувајќи дека Предлог буџетот е во функција на предвремените парламентарни избори во април наредната година.
Велат дека буџетот е скроен за престојните предвремени парламентарни избори покажува и фактот што со него се предвидува зголемување на пензиите и на социјалната помош за 5%. Но, се разбира дека тие зголемувања се предвидуваат за после април 2016 г., кога парламентарните избори ќе бидат завршени. Навистина е несфатливо каква е оправданоста од зголемување на пензиите во ситуација кога, при огромна невработенсот, вработувањето стагнира, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во голема загуба, финансирана од централниот буџет?
Зголемен долг на јавниот сектор и политизација на јавната администрација
Во извештајот е опфатена и оваа тема во која нотираат:
Усвоениот буџет за 2016 г., за плати на администрацијата предвидува над 420 милиони евра, за разлика од 2011 г. кога за оваа ставка биле одвоени 365 милиони евра, со што вкупниот трошок за плати на јавната администрација достигнува до скоро 2,3 милијарди евра. Дополнително, последните неофицијални податоци укажуваат дека моментната бројка на вработени во јавниот сектор од скоро 185.000 претставува двојно зголемување на вработените од 2006 г. до денес. Точната бројка на администрацијата треба допрва да се утврди со изработка на регистарот. Ова укажува на сериозен коруптивен ризик од политичка манипулација со државното вработување во јавниот сектор, особено во време на непосредни избори во земјата.
Од оваа организација исто така укажуваат на висок ризик за корупција, злоупотреба при процесот на вработување во јавната администрација, политизација, недостаток на транспарентност во текот на постапката за избор и недостаток на спроведување на мерит-систем, кој би имал капацитет да ги изберете најквалификуваните кандидати пријавени за работа во јавната администрација. Од таму, политизацијата на јавната администрација во земјата сé уште преставува сериозен проблем, додека паралелно, вработувањето во јавниот сектор продолжува да се зголемува. Така, самото отсуството на точни податоци за вработените во јавниот сектор и точни статистички податоци за структурата на долговите на јавниот сектор, не само што остава простор и ризик за манипулација со вработување на гласачко тело наместо квалификувана и ефикасна јавна администрација, туку целосно ја загрозува и долгорочната економска политика на земјата.
Јавни набавки
За јавните набавки од Транспарентност Македонија посочуваат дека со измените кои Владата ги предлага на Законот за јавни набавки се очекува да се продлабочат слабостите во оваа сфера и негативно да влијаат врз имплементација на клучните принципи.
Поради слабостите од функционирањето на Советот за јавни набавки во практиката и неговата неефикасност, поради драстичното намалување на конкуренцијата наместо нејзиното поттикнување, како и поради сложеноста на процесот и негово одолговлекување, но и оптоварување за фирмите-понудувачи со дополнителни трошоци, ТМ бара наместо давање статус на правно лице на Советот за јавни набавки, ова тело ДА СЕ УКИНЕ, што, покрај другото, ќе значи и заштеда на буџетски средства. Наместо тоа, да се воведе контрола врз постапката за јавни набавки и за реализација на договореното, со што ќе се намали можноста од злоупотреба и корупција.
