ТРАНСПАРЕНТНОСТ: Еве кои општини најмногу ги кријат народните пари
Општина Сарај е една од најнетранспарентните општини во своето работење, според истражувањето на Фондацијата Фридрих Еберт и Млади Европски Федералисти – Куманово (ЏЕФ Македонија).
Веднаш по неа, како општини кои најмногу го кријат трошењето на народните пари се Сопиште, Студеничани и Чаир.
Истражувањето е дел од проектот „Транспарентност на општините при објавување на информации од јавен карактер на општинските веб страници“, со кој се следеше транспарентноста на општините од изборната единица 1 при објавување информации од јавен карактер за три датуми, и тоа 12 август 2015 година, 30 септември 2015 година и 18 ноември 2015 година.
Под транспарентност на општините при објавување податоци се подразбира редовно информирање на јавноста преку официјалната веб-страница на општината за девет точки, и тоа: статут, план за буџет, квартални извештаи за извршување на буџетот, план за јавни набавки, лице задолжено за слободен пристап до информации од јавен карактер, објаснување за користење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, најави на седници на совет, записници од седници на совет и службени гласила.
Според истражувањето, најтранспарентни општини се Аеродром, Карпош, Центар и Кисела Вода.

