ВЕЛОСИПЕДИ, БЕСПЛАТНИ АВТОБУСИ, ПАР-НЕПАР: Како градските власти ќе се справат со загадениот воздух?
Градот Скопје ќе преземе специјални мерки за справување со постојаното енормно загадување на амбиенталниот воздухот во главниот град, ветуваат градските власти во информација доставена до Советот на Град Скопје, на барање на опозициските советници.
Се работи за сет мерки поделени во две категории, краткорочни и среднорочни. Дел од од нив се исти како лани, а дел се нови. Надминување на просечната годишна концентрација за азот диоксид се забележува само во Скопје што се должи во најголем процент на сообраќај, работата на топланите и на индустриските капацитети. Анализата покажала дека во изминатите 5 години од мониторингот, според податоците од станиците на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух, концентрациите на загадувачките супстанции на сулфур диоксид и јаглероден моноксид не ги надминуваат пропишаните гранични вредности, за разлика од минатото каде сулфур диоксидот бил една од позначајните загадувачки супстанци. Ова според Градот се должи на промена на стандардите и квалитетот на горивото.
„Генерално, од досегашните анализи може да се каже дека во Република Македонија има појава на надминување на граничните вредности за суспендирани честички со големина до 10 микрометри, а во зимскиот период се забележуваат значително високи концентрации на оваа загадувачка супстанца. Ова особено се однесува за град Скопје, каде концентрациите се за десетина и повеќе пати поголеми од пропишаната среднодневна гранична вредност. Во зимскиот период влијанието на главните извори на суспендирани честички од 10 микрометри значително се зголемува поради климатолошките и метеоролошките услови, карактеристични за градот Скопје“, се вели во Информацијата која ќе биде презентирана на закажаната седница на Советот на Град Скопје во четврток.Како извори кои влијаат на загадувањето на воздухот се посочуваат производните процеси кои што користат застарени технологии, процесите за производство на топлинска и електрична енергија со употреба на цврсти и течни горива, индивидуално затоплување на објектите, односно домаќинствата, јавните и административните објекти, затоплувањето на домовите и установите што не се приклучени на системот на парно греење, оџаците и котларниците, особено во секторот домување. Во делот на сообраќајот како загадувачи се посочуваат старите возила, кои немаат мотори со ЕУРО стандарди. Посебен проблем е што нередовно се врши задолжителната контрола на издувните гасови при техничките прегледи на возилата. Во анализата се посочува дека географската положба на Скопје е таква што градот е распространет во котлина опкружена со планини, поради што во зимскиот период е присутна честа појава на магла и на температурна инверзија, а при стабилно време без ветер, нема струење на воздухот и сите загадувачки материи остануваат на местото каде се создаваат. Градските власти наведуваат дека врз загадувањето на воздухот влијание има и урбанизацијата. Повеќедецениското занемарување на важноста на природните коридори за проветрување на градот и неправилната урбанизација, допринесоа тие да се изгубат и да се продлабочи проблемот со загадувањето, се посочува во информацијата од Градот. Од Градот велат дека мерките и активностите за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот кои се применувани во изминатите години, ќе бидат проширени со активности што произлегуваат од изготвената Оперативна програма за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух со ПМ10, Планот за одржлив транспортен систем на Град Скопје и Акцискиот план за одржлив енергетски развој на Град Скопје, но и со активности од искуствата од други градови во Европа. Краткорочно-среднорочни мерки и активности за подобрување на квалитетот на воздухот Една од краткорочните мерки што Градот планира да ја преземе за за да се спречи понатамошното зголемување на вредностите на загаденоста на воздухот пред се на присуството на ПМ10, е започнување на проектот за апликација на калциум – магнезиум – ацетат на сообраќајниците во градот, заради контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Оваа мерка како што се наведува во информацијата, се применува во големите светски метрополи како што се Лондон, Виена, Клагенфурт, Линц, Хелсинки, Брунек, Штудгард, Стокхолм, Гетеборг, а нејзината примена ќе зависи од првичните резултати што ќе се добијат во наредната зимска сезона. Акциониот план е изготвен и договорот за набавка на средство е склучен. Мерката треба да ја реализира ЈП Комунална хигиена за што е објавена набавка за адаптација на 8 и надградба на 2 камиона. Прва фаза од реализацијата на овој проект ќе биде улиците “ Јордан Мијалков ” (во делот од крстосницата со бул. Свети Климент Охридски до крстосницата со ул.”Антон Попов”), булеварот Свети Климент Охридски (во делот од крстосницата со ул.Мајка Тереза до Владата на РМ ), и улицата Свети Кирил и Методиј ( од крстосницата со бул. “Кочо Рацин до кружниот тек ). Од Градот посочуваат дека изборот на овие сообраќајници е од причина што во непосредна близина се наоѓа мерната станица за квалитет на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање, и најлесно ќе може да се споредат резултати пред и по третирање со препаратот. Планирано е да се почне од 15-ти следниот месец, но по потреба. Една од поновите мерки што се посочува е користење на електрични возила: електровелосипеди и електромобили од страна на Град Скопје, нивно промовирање и насочување на установите и компаниите во градот во таа насока. Засега се набавени 10 електрични велосипеди и 5 електромобили - за туристички цели, а планирана е набавка на нови 60 електровелосипеди. Во катните гаражи се планира да се постават полначи за електро-мобили. Вече се набавени полначи за потребите на ЈП Градски паркинг, кои се поставени во катната гаража „Македонска фаланга“, а во тек е набавка на 2 нови полначи. Градските власти ќе ги советуваат и анимираат институциите и компаниите да им даваат бенефиции на своите вработени кои на работа доаѓаат пешки или со велосипед.
„По примерот на Град Скопје, кој во Европската недела на мобилност 2014 им даде признание на своите вработени, а откако оваа мерка ќе заживее, воспоставување на награда (признание) што Градот Скопје ќе ја доделува на најдобриот правен субјект што ја спроведува мерката“, се наведува во информацијата од Градот.Планирана е изработка на практичен водич за градилишта наменет за одговорните лица при изведување на сите видови градежни работи. Од Градот најавуваат дека ќе се почне со реализација на активностите произлезени од Студијата за озеленување и пошумување на Град Скопје. Зајакнати инспекциски контроли се најавени за поседувањето на Б дозволи и елаборати за животна средина. Досегашните 50 до 60 месечни редовни инспекции, сега во грејната сезона ќе се зголемат на 120 до 130 инспекциски контроли. Еве дел од останатите мерки:
- Возилата со дозвола за дотур на роба го вршат дотурот во терминот наутро, најдоцна до 10:00 часот,
- Обезбедување на посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е градот Скопје (користење на заобиколница),
- Воведување на посебен сообраќаен режим во градот Скопје за патничките возила со исклучок на возилата за специјална намена, односно можност за воведување на пар-непар или пренасочување на сообраќајот по споредни улици избегнувајќи го централното градско подрачје,
- Воведување бесплатен автобуски превоз во услови на мерки од II степен (континуирани 10 дена со ПМ10 над 100 микрограми/м3)
- Вклучување на 30 нови автобуси во услови на мерки од II степен (континуирани 10 дена со ПМ10 над 100 микрограми/м3)
- Воведување на автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС),
- Обезбедени 4 дена за бесплатен превоз на пензионери и 1 ден за студенти, во текот на една седмица
- Континуирано афирмирање и надградба на проектот за изнајмување велосипеди, со набавка на нови велосипеди и поставување на нови пунктови
Слично
