Трамп: Запленивме многу голем танкер покрај брегот на Венецуела
САД запленија танкер покрај брегот на Венецуела, објави претседателот Доналд Трамп. Ова е потег што веројатно ќе ги зголеми цените на нафтата, но и тензиите помеѓу двете држави.
„Тукушто запленивме танкер покрај брегот на Венецуела, голем, многу голем танкер, најголем досега. И други работи се случуваат“, кажа Трамп, додавајќи дека танкерот бил запленет од многу добра причина.
Тој претходно нареди масовно распоредување на американските сили во регионот, вклучувајќи борбени авиони и десетици илјади војници.
Тројца американски функционери кажаа дека операцијата ја води крајбрежната стража на САД. Тие не го открија името на танкерот, под чие знаме плови и каде точно се случило запленувањето. Британската група за управување со поморски ризици „Вангард“ соопшти дека се верува дека бил запленет танкерот „Скипер“, против кој САД воведоа санкции поради наводна вмешаност во трговијата со иранска нафта.
САД претходно напаѓаше бродови што превезуваа дрога.
