Трамп се закани на Иран - цените на нафтата се зголемија
Цената на нафтата значително се зголеми денеска поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран.
Цените се приближија до нивото од 66 долари за барел, откако трговците ги вознемири новото заострување на реториката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран. На лондонскиот пазар барелот попладнево се тргуваше по цена повисока за 1,79 долари во однос на вчерашното затворање, достигнувајќи 65,85 долари, додека на американскиот пазар цената се зголеми за 1,72 долари, на 61,08 долари за барел.
Американскиот претседател во четвртокот изјави дека американската армада се движи кон Иран, со што ги обнови заканите за можна воена интервенција изнесени пред околу десетина дена, во време на немири во повеќе ирански градови. Тој нагласи дека голем број американски бродови пловат во тој правец „за секој случај“, додавајќи дека би сакал да не дојде до ескалација, но дека ситуацијата внимателно се следи. Според неименуван американски функционер, станува збор за група што вклучува носач на авиони и неколку разурнувачи, кои во следните денови треба да пристигнат на Блискиот Исток.
Иран произведува повеќе од три милиони барели нафта дневно, а најголемиот дел од извозот го пласира во Кина, па секоја закана за дестабилизација на регионот има силно влијание врз цените на светските пазари.
foto freepik.com
