Трамп: Наскоро ќе пропаднат, веќе не добиваат нафта од Венецуела
Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа изјави дека „Куба наскоро ќе пропадне“, наведувајќи дека Венецуела, некогаш главен снабдувач со нафта на островот, неодамна не испратила нафта или пари на Куба.
„Куба наскоро ќе пропадне. Куба е навистина нација која е многу блиску до колапс. Знаете, тие порано добиваа пари од Венецуела. Тие порано добиваа нафта од Венецуела. Тие веќе не ја добиваат“, им рече Трамп на новинарите, според Ројтерс.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел изјави на почетокот на јануари дека Вашингтон нема морално право да ѝ наметнува договор на Куба, откако Трамп предложи властите на тој комунистички остров да постигнат договор со Соединетите Американски Држави.
Соборувањето на комунистичката влада на Куба, која е на власт од кубанската револуција во 1959 година, е „100 проценти настан од 2026 година“ во очите на американската администрација, објави претходно „Политико“, повикувајќи се на добро информирани извори.Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, изјави дека одлуката за запирање на испораките на нафта на Куба е суверена и не е резултат на притисок од Соединетите Американски Држави.
Шајнбаум избегна директен одговор на прашањето дали Мексико ќе ги продолжи испораките на нафта во Куба, велејќи дека јавноста ќе биде информирана, пренесува Ројтерс.
Испораките на мексиканска нафта во Куба се најдоа под лупа на Вашингтон откако американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе го запре протокот на нафта и пари од Венецуела во Куба, по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Во меѓувреме, Венецуела, која порано беше главен снабдувач со нафта на Куба, не испраќа сурова нафта или гориво во Хавана околу еден месец поради блокадата на САД.
foto printskrin youtube
