Трамп: Индија ќе купува нафта од Венецуела наместо од Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Индија ќе купува нафта од Венецуела, наместо од Иран.
„Веќе го постигнавме тој договор, концептот на договорот“, изјави Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, додека патуваше од Вашингтон кон својот имот во Флорида.
Претходно, медиумите јавија дека САД му соопштиле на Њу Делхи дека Индија наскоро би можела да продолжи со купување венецуелска нафта, со цел да се помогне во ограничувањето на рускиот извоз на нафта, повикувајќи се на три извори запознаени со ова прашање.
Индија не увезуваше значителни количини иранска нафта поради американските санкции, но стана еден од најголемите купувачи на руска нафта откако руската инвазија врз Украина во 2022 година доведе до западни санкции што ја намалија нејзината цена.
Трамп во август ги удвои царините за увоз од Индија на 50 проценти, со цел да изврши притисок врз Њу Делхи да престане да купува руска нафта, а претходно овој месец изјави дека стапката би можела повторно да се зголеми доколку не се ограничи увозот на руска нафта.
Министерот за финансии Скот Бесент во јануари сигнализираше дека дополнителната царина од 25 проценти на индиската стока би можела да биде укината, поради, како што рече, наглото намалување на индискиот увоз на руска нафта.
Трамп во март лани воведе царина од 25 проценти за земјите што купуваат венецуелска нафта, меѓу кои и Индија.
Mинатиот месец, САД извршија напад во Венецуела и го заробија сега веќе екс претседателот Николас Мадуро, на кого ќе му се суди во САД. Трамп вети ревитализација на нафтената индустрија во Венецуела. Земјата се мачи со екстремна сиромаштија, а дел од населението прима плата од само неколку долари.
foto freepik.com
