Трамп им порача на Иранците да не наплаќаат за премин во Ормутскиот теснец
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Иран не смее да им наплаќа на танкерите за премин низ Ормутскиот теснец.
„Постојат извештаи дека Иран им наплаќа на танкерите за премин низ Ормутскиот теснец. Подобро да не го прават тоа, а ако го сторат тоа, треба веднаш да го спречат“, додаде тој.
Иран би можел да бара плаќање за премин во криптовалута за време на двонеделното примирје со САД, објави „Фајненшл тајмс“, цитирајќи го Хамид Хосеини, претставник на Здружението на извозници на нафта, гас и петрохемикалии. Западните лидери се спротивставија на можноста за наплата за премин низ теснецот. Трамп во посебен пост рече дека „нафтата повторно ќе почне да се движи, со или без помош на Иран“.
Сообраќајот низ Ормутскиот теснец беше далеку под 10 проценти од нормалниот во четврток, и покрај кревкото примирје, бидејќи Иран ги предупреди бродовите да останат во неговите територијални води.
Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, вчера изјави дека Иран ќе влезе во нова фаза во управувањето со стратешкиот Ормуски теснец, според неговата порака до граѓаните, која беше прочитана на иранската државна телевизија.
Во пораката по повод 40 дена од смртта на водачот на Исламската револуција, ајатолахот Али Хамнеи, тој нагласи дека Иран не сака војна, но дека нема да се откаже од своите права и дека ги смета сите фронтови на отпорот за еден единствен ентитет, објави Press TV.
САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, што го натера Техеран да возврати со напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив со американски воени бази, што доведе до зголемување на цените на нафтата и нестабилност на глобалните пазари.
фото принтскрин
