Трајко Славевски: Програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде само на стотина страници
Трајко Славевски, предводникот на тимот кој ќе ја креира програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори 2020 за „Фактор“ вели дека овој пат таа нема да биде испишана на преку 500-тини страници како минатата во 2016-та, туку ќе биде најкратка за читање до сега.
- Ќе биде пократка, поелегантна и испишана на 100-тина страници. Таа ќе биде полесна за читање и ситуацијата овој пат е поинаква, затоа што ние сега сме во опозиција. Јас го предводев тимот што ја изработуваше партиската програма за парламентарните избори во 2006 и тогаш победивме како опозиција со кратка програма. Бев дел од тимот кој работеше и на програмата во 2008, но морам да кажам дека во меѓувреме на сите други изборни циклуси програмите беа многу пообемни, тврди Славевски.
Поранешниот министер за финансии за структурата на истата вели дека приоритет ќе биде економијата и финансиите, а професорот најавува дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт веднаш ќе се укине прогресивниот данок.
- Се работи за нова изворна програма. Во делот за економскиот развој од 2020 до 2024 основни точки се соочување со горливите прашања. Приоритет меѓу она што прво ќе се направи е да биде враќањето на рамниот данок. Понатаму, враќање на Македонија меѓу првите земји на Дуинг бизнис листата така што ќе ги подобриме условите за фирмите. Ќе се промени и стратегијата за привлекување на странските инвестиции. Во моментов кај нив има раст на извозот и работните места, но има и раст на увозот и нема додадена вредност. Нам ни требаат инвеститори кои ќе обезбедат ангажман на домашните компании. Примарна ќе биде индустријализацијата, а помошта таму нема да биде хоризонтална како онаа што ја нуди Кочо Анѓушев. Помошта тука ќе биде таргетирана за оние за кои ќе сметаме дека ќе можат да направат исчекор. Ќе има и мерки за раст на платите, но над истите нема да се врши притисок како што тоа го прави актуелната власт и со тоа да се предизвикува макроекономска нестабилност, односно незадоволство, инфлација и протести, вели Славевски.
Тој додава дека програмата ќе се креира до 30 ноември, односно до тогаш ќе се остваруваат средби со засегнатите страни како што се невладините организации, здруженијата на граѓани, синдикатите и стопанските комори.
- Ние ќе го испитуваме она што тие го гледаат од нивен аспект. Ние преку оглас ќе ги вклучиме овие субјекти во креирањето на програмата, а веќе со стопанските комори имаме редовна комуникација и ги следиме нивните барања. Сакам да кажам дека во структурата на програмата приоритет ќе биде економскиот развој, но ќе бидат застапени и мерки за сите други области, како здравството и образованието, безбедноста, а особено животната средина, додава координаторот.
Александар Кузмановски
