Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трајко Славевски: Инфлацијата е двојно поголема од еврозоната, каматните стапки да се зголемат над 10 отсто

Трајко Славевски: Инфлацијата е двојно поголема од еврозоната, каматните стапки да се зголемат над 10 отсто

Универзитетскиот професор Трајко Славевски во интервју за РСЕ денеска ја повика Народна банка како ценовно контролно тело да ја зголеми каматната стапка над 10 отсто, бидејќи како што вели денарот не може повеќе да го следи курсот на еврото и инфлацијата во Македонија е двојно повисока од еврозоната.

„Видете, на овој начин, со ваква монетарна политика којашто сериозно доцни, на некој начин се доаѓа во состојба на апресијација на вредноста на девизниот курс. Што сакам да кажам? Она што ние од 1997 година сè до неодамна успеавме да го одржуваме фиксниот девизен курс на денарот, нема тука мистерија се должеше на фактот што инфлацијата во Република Македонија беше скоро еднаква или во рамките на инфлација во земјите од еврозоната, нешто под два проценти. Сега имаме двојно повисока стапка на инфлација одошто од земјите од еврозоната. 

Па видете сега, млечните производи по килограм, месните преработки, достигнаа цени изразени во евра коишто се повисоки од тие на европските пазари, тоа треба длабоко да ја загрижи Централната банка и треба поголемо внимание да посвети во борбата против инфлацијата. Значи девизниот курс апресира, нашите стоки стануваат поскапи за странските заинтересирани купувачи, и тоа неминовно ќе влијае на проширување на јазот во платниот биланс, значи дефицит на платниот биланс, поголеми задолжувања, губење на девизни резерви итн. Моја проценка е, да имаше друг гувернер, еве да беше гувернер господинот Гошев, во моментов ќе имавме каматни стапки над 10 проценти од Централната банка, затоа што во една претходна криза во 2008-2009 година, во март 2009 каматната стапка на Централната банка достигна девет проценти“, вели Славевски на едно од прашањата.

Според економскиот експерт, првенствена цел на централната банка треба да и биде ценовна стабилност, додека во оваа ситуација второстепена треба да биде поддршка на економските политики кои водат до одржување на економската активност во земјата.

Слично

Поврзани вести