Тотозани:Македонците отпуштени од работа, да достават жалби до народниот правобранител
Игли Тотозани, Народниот правобранител на Албанија ја посети општина Пустец и се сретна со градоначалникот Едмонд Темелко, Лазо Стојани, претседател на Советот на Пустец и Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција.
На средбата се дискутирало за проблемите со кои се соочува македонската заедница во земјата, пред се за недостигот од учебници на македонски јазик во училиштата во општина Пустец, неможноста за изучување на македонскиот јазик надвор од Мала Преспа, во другите делови на Албанија каде живеат Македонците, бришењето на националноста од регистрите од матичната евиденција, отпуштање од работа на десетици Македонци од неколку институции и претпријатија во Корча... Се дискутирало и за територијалната реформа.
Проблемите со кои се соочува македонската заедница во Албанија, посочил Тотозани, ќе бидат вметнати во извештајот што народниот правобранител го подготвува за положбата на малцинствата и кој ќе биде доставен на разгледување до Пaрламентот на Албанија.
Тој побарал Македонци кои се отпуштени од работа последниот период, да достават жалби до народниот правобранител за да се постапи по нив.
Тотозани информирал дека добил гаранции од министерот за локална самоуправа на Албанија Бленди Чучи дека со територијалната реформа, општина Пустец нема да се укинува.
