Топи, лее, вала и рециклира! Кој направи извоз вреден 121 милиони евра за 9 месеци?
„Макстил“ работи како во своите најдобри времиња! И покрај бројните неизвесности од цените на струјата успеа да продаде продукти вредни 134 милиони евра. А за првите девет месеци годинава веќе има нето добивка која е за 43 отсто повисока од нето профитот за цела 2021 година
„Макстил“ ја има најуспешната година во последното десетлетие. Најголемиот производител на челик и железо во Македонија за првите девет месеци и покрај сите економски неизвесности успеа да извезе производи вредни 121,4 милиони евра и да направи вкупна продажба вредна 134 милиони евра. Финансиските резултати на „Макстил“ за првите девет месеци годинава покажуваат дека компанијата ја зголемила вредноста на извозот за 85 отсто во споредба со истиот период лани, а истовремено вкупната вредност на продадените стоки и услуги е зголемена за 79 отсто во споредба со истиот период лани.
Како и сите други големи индустриски капацитети и „Макстил“ се соочува со големи ценовни шокови кои се предизвикани од драстично зголемените цени на електричната енергија на берзите во регионот, а и во цела Европа. Сепак менаџментот во овој период успеал во својот деловен потфат да ги артикулира тие ризици и да обезеди продажба на своите продукти по одлични цени што и се гледа од висината на извозот. Со оглед на тоа што производството на „Макстил“ е целосно зависно од берзанските цени на металите и од работата пред се на големите европски и светски бродоградилишта може да се очекува дека глобалната побарувачка на овие продукти директно ќе влијае и врз понатамошното работење на „Макстил“.
Во овој контекст вреди да се истакне фактот дека вредноста на залихата на крај на септември изнесува 28,1 милиони евра што е за над 50 отсто повеќе од истиот период лани. А тоа е директна рефлексија на пазарните цени за тие производи.
Во овој контекст вреди да се напомене дека големите очекувања за понатамошна успешна работа во голема мерка зависат од побарувачката на бродоградилиштата кои пак имаат листа на чекање за своите купувачи.
Очекувано, со притисокот на инфлацијата и особеното влијание на цените на енергенсите, оперативните трошоци на „Макстил“ се зголемени драстично. За овие девет месеци тие достигнаа 129,4 милиони евра и се зголемени за 87 отсто во споредба со лани.
Најголема трошковна збирна ставка се суровините и материјалите (во кои влегува и енергијата). На ова компанијата потрошила 105,8 милиони евра што е двојно повеќе од истиот период лани.
Значајно за истакнување, од аспект на општествената одговорност, е тоа што „Макстил“ значајно го зголемил тоа што го издвојува за своите вработени. И тоа за 21 отсто до износ од 10,7 милиони евра колку што се бруто платите за вработените за овој период.
Оперативната добивка на друштвото е зголемена за 41 отсто и изнесува повеќе од солидни 14 милиони евра. Во овој контекст мора да се истакна значајното золемување на финансиските расходи кои се знајачно повисоки од финансиските приходи на друштвото. Финансиските расходи се зголемени за 31 отсто и изнесуваат 1,7 милиони евра. Тоа директно влијаеше врз нето добивката која за овој период изнесува 11,7 милиони евра што и покрај тој притисок е повисока за 43 отсто во споредба со ланската добивка.
Во овој контекст вреди да се наведе дека годинава „Макстил“ за девет месеци веќе има за 43 отсто поголема добивка од цела 2021 година.
Р.Ф.