Топ ПЕТ бизниси во Македонија осудени на неуспех!
Интернет револуцијата и светлосниот напредок на новите технологии драстично го сменија секојдневниот живот и навиките на луѓето. Се навикнавте на читање весник со утринско кафе ? Тогаш подобро од сега почнете да размислувате на сабајлечка рутина, бидејќи според проценките на експертите хартиените весници се една од работите на кои им се заканува истребување од светот на бизнисот. Но претворањето на светот во глобално село, ги пренесе и современите трендови во Македонија. Така закономерностите кои важат во САД, Германија или Русија се исти и за македонскиот пазар. Редакцијата на Фактор затоа ви презентира 5 бизниси кои немаат светла иднина во Македонија, токму поради развојот на нови технологии и навлегувањето на интернетот во сите животни пори.
-
ФОТО СТУДИЈА
Еден од главните ритуали во одењето на одмор е се разбира непрегледното фотографирање. Една фотка на плажа, една во Хотел, една во локалното гратче и така по враќањето дома се собираат стотици фотографии. Ритуалот порано продолжуваше со обавезно одење во локалното Фото студио. Па се избираа фотографиите кои сакаме да ги развиеме, па сметавме колку пари ќе ни треба за тоа. Но сето тоа полека станува минато. Дигиталните апарати веќе комплетно од употреба ги исфрлија фотографските филмови, па така веќе не ни е потребен фотограф за да ги добиеме потребните фотографии. Секој што знае да фотографира веќе знае и да си ги пренесе фотографиите на компјутер. Оние понапредни корисници, знаат и дека со купување на поквалитетен печатач и соодветна хартија можно е произведување на сопствени фотографии, доколку сакаме да ги имаме на хартија, нели. Е промената на начинот на фотографирање станува уште подрастична со појавата на „паметните телефони“ и квалитетните камери кои се вградуваат во нив. Па така, додека се пишува крај на класичните Фото – студија пред нашите очи почнуваат да исчезнуваат и дигиталните Фото – апарати, заменето од мобилните телефони. Многу често слушаме дека технологијата е модерно чудо, а во овој случај чудото се случува во овој момент.
-
ПЕЧАТЕНИ ДНЕВНИ ВЕСНИЦИ, КНИГИ И КНИЖАРНИЦИ
Експертите и граѓаните често ја оспоруваат идејата дека интернетот целосно ќе го уништи процесот на печатење на хартија на материјали за читање. Без разлика дали се работи за дневен весник или добра книга. Но во реалноста истражувањата покажуваат дека луѓето се помалку читаат книги на класичен начин, а помалку се продаваат и весниците. На интернет просторот сосема бесплатно веќе можат да се прочитаат речиси сите светски бест – селери или класични романи. Оние кои сакаат и имаат да платат за книга, се разбира тоа можат да го направат во секој момент преку интернет гигантот за електронска продажба „Амазон“. Појавата на мобилните телефони со големи екрани но и „Таблет“ револуцијата читањето книги го пренесоа на сосема друго ниво. Тука се и популарните „Ридери“ кои служат за симнување и читање книги, но кои во Македонија сеуште не се употребуваат како во западните земји каде се секојдневите на улиците, кафулињата или рестораните.
Ова значи речиси сигурен крај за класичните книжарници, а искуството од западните земји покажува дека можна иднина имаат хибридните книжарници, или продавници кои продаваат книги, но и технолошки апарати, видео игри и продукти поврзани со интернетот. Што се однесува до весниците, ударот кој го добија од телевизијата само се мултиплицира со појавата на интернет медиумите. Сите може да се сетиме кога последен пат сме купиле весник, а кога последен пат информациите сме ги провериле на интернет. Експерите за сега надеж даваат само за специјализирани изданија или неделници со специфична содржина кои можеби можат да се одржат на пазарот.
-
ИНТЕРНЕТ КАФЕА
Како се појавија така и ги снема. Оваа флоскула може најслободно да се употреби за опишување на феноменот на Интернет – кафе во Макеоднија. Пред 10 години речиси да немаше ќоше во градовите во кои немаше Интернет – кафе. Тој период се совпаѓа со почетокот на масовната употреба на интернетот, па тогаш најголемиот број од граѓаните прв пат отворија Електронска пошта, или направија профил на тогаш популарната социјална мрежа „Myspace“. Тоа е период кога употребата на домашниот интернет беше скапа играчка, а конекцијата беше иритирачки спора. Интернет – кафеата тогаш станаа арени во кои младите поминуваат денови и ноќи играјќи ги популарните игри како „Counter – strike“ или „Warcraft“. Но ефтините понуди за домашен интернет, појавата на високи брзини на широко – појасната конекција го ставија печатот на судбината на Интернет – кафеата. Веќе секој може да седне дома, да се поврзе на било кој светски сервер и сам или со другарите да игра било која „Multi – player“ игра. Одењето во Интернет – кафе преку ноќ се претвори во скапа и непотребна активност.
-
ВИДЕОТЕКИ И ПРОДАВНИЦИ ЗА ЦД
Продуктите кои ги сочинуваа насловите на овие продавници сосема исчезнаа, па така бесперпективноста на овие бизниси се подразбира сама по себе. Иако ДВД форматот ставен на ЦД ги исфрли од игра видеокасетите, молневито брзо ЦД носачите ја доживеаа истата судбина. Зошто би оделе во ДВД – тека за да земете филм или да купите игра, кога истиот можете да го симнете од дома или играта може да ја инсталирате на својот компјутер. Се разбира да не бидеме разбрани погрешно, се мисли на употреба на легалните сајтови и плаќање на истите продукти преку интернет, пиратеријата како што е познато е забранета и во Македонија. Така дигиталниот формат целосно ја исклучи потребата од „Хардверски“ дел, па така се што е потребно е компјутер, простор за симнување на истиот и се разбира пари на кредитната картичка, доколку симнувате производ кој се плаќа. Иако во Македонија генерално постои проблем со Интернет плаќањето, несомнено е дека во некој иден период процесот ќе се нормализира, и целосно ќе го избрише од сеќавањето одењето во ДВД – то.
5. ПРОДАВНИЦИ ЗА ИГРАЧКИ
Овој бизнис има делумна перспектива за одржување во живот, но во сменет формат и во најверојатно многу помал обем од минатото. Во светот компаниите кои произведуваат играчки се намалуваат а некои производители целосно се вртат кон „Убиецот“ на својот бизнис. Видео – игрите станаа забава кој децата ги играат одмали години. Бебињата често првите писмени навики веќе не ги стекнуваат со молив и хартија, туку со тастатура и маус. Така децата од мали нозе стануваат зависници од играње на видео – игри а класичните играчки речиси не се употребуваат. Единствена надеж за производителите и продавниците на играчки остануваат најмалите деца кои сеуште не почнале да употребуваат компјутер или оние деца кои немаат дозвола од родителите за долго седење пред компјутер. Како и да продавниците за играчки мораат да употребат инвентивни развојни планови и методи само да преживеат и да видат дали иднината ќе им одстапи место.
С.Р.



