Топ-20 компании со бензински станици со најголеми добивки за 2025: Големи заработки и за локалните анонимни трговци со горива
Нафтениот сектор и годинава останува меѓу најпрофитабилните бизниси во Македонија. Според податоците за остварената добивка од продажба на горива на бензински станици, убедлив лидер е Макпетрол АД, кој во 2025 година остварил добивка од 19,36 милиони евра, што е речиси четири пати повеќе од второпласираната компанија, благодарение на широко распространетата мрежа за продажба на мало.
На второто место се наоѓа Лукоил Македонија ДООЕЛ со добивка од 5,19 милиони евра, додека третата позиција ја зазема кумановски Детоил ДОО со заработка од 1,34 милиони евра.
Податоците покажуваат дека покрај големите национални играчи, значителна добивка остваруваат и не толку познатите регионални компании со ограничен број бензински станици, особено во источниот и северозападниот дел од земјата.
Добивките на нафтените компании доаѓаат во период кога граѓаните се соочија со нов раст на цените на горивата. Во текот на годината дизелот и бензините бележеа повеќе корекции нагоре како резултат на повисоките цени на суровата нафта на светските берзи, геополитичките тензии на Блискиот Исток и движењата на курсот на доларот. Особено беше забележлив растот кај дизелот, кој е клучно гориво за транспортниот и земјоделскиот сектор, што дополнително ги зголеми трошоците на компаниите и влијаеше врз инфлациските притисоци.

Во Македонија цените на горивата ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) според пропишана методологија. Трговците на мало немаат можност самостојно да ја определуваат крајната цена, бидејќи во формулата се вградени максимално дозволени трговски маржи. Во последните години маржата за трговците на мало најчесто се движи околу 4,3 до 4,6 денари по литар, во зависност од видот на горивото и регулаторните одлуки, додека дополнителна маржа имаат и увозниците и трговците на големо.
Поради тоа, високите добивки на компаниите не се резултат само на поголема заработка по литар гориво, туку и на огромниот обем на продажба, дополнителните услуги на бензинските станици, маркетите, рестораните и другите придружни бизниси.
Очекувањата на аналитичарите се дека во наредниот период може да дојде до постепено стабилизирање или благо намалување на цените доколку продолжи падот на цената на суровата нафта на светските пазари и ако не дојде до нови геополитички потреси.
Сепак, експертите предупредуваат дека цените остануваат чувствителни на случувањата на Блискиот Исток, одлуките на земјите членки на ОПЕК и движењата на американскиот долар. Затоа, иако постојат сигнали за можно намалување на цените во втората половина од годината, брзо и драматично поевтинување на бензините и дизелот засега не се очекува.
А.К.
