Економија, финансии, бизнис

Контакт

Топ-15 производители на струја со најголеми добивки во Македонија во 2025: Од фотонапонски и хидро централи се прават милиони евра

Топ-15 производители на струја со најголеми добивки во Македонија во 2025: Од фотонапонски и хидро централи се прават милиони евра

ЕВН Електрани Македонија, фирмата-ќерка на ЕВН, е производителот на електрична енергија за продажба на слободниот пазар со најголема добивка во Македонија за 2025. Оваа компанија крај Пробиштип ги има едни од најголемите фотоцентрали, а добивката за минатата година била над 11 милиони евра.

На второто место е АД ТЕ-ТО, сопственик на добропознатата гасна централа во Скопје од која се произведува електрична енергија за либерализираниот пазар, но треба да се каже дека од таму како производ излегува и топлинска енергија. Третопласирана е „Фортис Енергетика Фотонапонски Централи“ која ја има една од најголемите фотоцентрали во земјата во партнерство со АД ЕСМ. Се наоѓа кај РЕК Осломеј. Инаку компанијата е во сопственост на турски инвеститори.

На четвртото место е Хелиоцентрум која во последните години поседува десетина фотоцентрали главно во струмичко и демиркаписко, а е во сопственост на Горан и Симеон Крстев, добропознатите струмички бизнисмени. Во првите пет е и Систем ЛТД со голем број на изградени фотоцентрали во Воиславци, Радовиш, а во сопственост на турски државјани. Интересно е тоа што е основана во 2024 и за брзо време се етаблираше со добивка од над половина милион евра.

Следува Централ Инвест на Кочо Анѓушев, со фотоцентрали главно во близина на Кочани, а по оваа компанија следна е Хидро Енерџи Гроуп која поседува мини хидроцентрали и во крајна сопственост е на Ѓоко Стерјовски, газдата на обложувалниците „Спорт Лајф“. МХЕ Горно Белички Извори е компанија со мали хидроцентрали, а како краен доминантен сопственик е поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев преку неговата компанија Феро Инвест.  Б&Х Солар Енерџи ДОО Штип на крај на 2023 добива лиценца  за три фотоцентрали во Криви Дол, Штип, од 7,25 мегавати, а е во сопственост на Јевген Јаременко од Украина и Денис Миргород со резиденција во Панама.

„Фортис Енергетика и градежништво“ е на 10 место, исто така во сопственост на турски државјани. Следува АЕ Солар Инвест во сопственост на 26-годишниот тетовчанец Ариан Етеми, член на бордот на директори на Нормак Инвестмент Гроуп, норвешкиот конзорциум кој под 90-годишна концесија управува со технолошко-индустриската развојна зона во Тетово. Футуре Енерџи ДОО е во сопственост на Танер Бекири, а од Регулаторната комисија за енергетика добива лиценца за фотоцентрала од 3 мегавати во Дуброво, Општина Неготино, под името „Сани Гарден“. 

Марјан Јовчевски и Трајче Димитров, познати бизнисмени од Штип, ја имаат Инвестра Доо која работи претежно со фотонапонски централи. Монтинг Енергетика на Ивица и Ангела Димовски е производител од мали хидроцентрали во тиквешкиот регион. Мега Солар е последна од Топ-15 листата, основана е поодамна во земјата, е ја поседува странската компанија ПВ Инвест Западен Балкан. А.К.


Слично

Поврзани вести