Топ 10 компании за изградба на станови со најголеми добивки во 2025 година: На листата и фирма на поранешен премиер
Градежништвото и во 2025 година остана еден од секторите во кои се создаваат високи добивки. Но, листата на десетте компании со најголема заработка покажува и промена во структурата на пазарот. Покрај препознатливите градежни компании, во врвот влегуваат и инвеститори во крупни урбани и трговски проекти, како и фирми кои првпат се појавуваат меѓу најпрофитабилните во секторот.
Според податоците од Централен регистар што ги анализира Фактор, десетте градежни компании за изградба на станови со најголеми добивки во 2025 година заедно оствариле добивка од 38,08 милиони евра. Првото место го држи Адора Инженеринг, со добивка од 6.63 милиони евра, компанија која со години е едно од најпознатите имиња во македонската високоградба. Нејзината позиција на врвот е во линија со долгогодишното присуство на пазарот, препознатливиот бренд и портфолиото на станбени и деловни објекти. Адора во оваа листа ја претставува групата на веќе етаблирани домашни градежни компании.
На второто место е М.Г. Фешн, со добивка од 4,83 милиони евра. Оваа компанија првпат се појавува во ова друштво на најпрофитабилни градежни фирми, иако станува збор за друштво кое работи и со други дејности. Во оваа листа М.Г. Фешн е значајна поради инвеститорската улога во недвижности и поврзаноста со комплексот спроти хотелот „Холидеј ин“, на локацијата која со години беше меѓу најследените урбани точки во центарот на Скопје. Комплексот, познат како „Гранд Скопје“, веќе е видлив на просторот спроти ГТЦ и „Холидеј ин“.
Третото место го зазема А Плус Инжинеринг, со добивка од 4,25 милиони евра. И оваа компанија првпат влегува меѓу најпрофитабилните градежни компании. Нејзиното име во јавноста се поврзува со МЕГА Шопинг Парк во Гевгелија, голем комерцијален проект кој се отвори деновиве. Со МЕГА Шопинг Парк, А Плус Инжининг се позиционира како нов играч во делот на комерцијалната изградба. Проектот е важен и поради регионалната локација, бидејќи Гевгелија има силна транзитна позиција и близина до границата со Грција.
Четврта е Жикол ДООЕЛ, со добивка од 4,07 милиони евра. Струмичката компанија е едно од постабилните имиња во градежништвото и има подолга историја во секторот. За разлика од дел од новите инвеститорски компании на листата, Жикол има профил на класична градежна фирма со изведувачки капацитет и присуство на повеќе проекти. Петтото место му припаѓа на Стентон Градба, со добивка од 3,76 милиони евра. Компанијата е пример дека високите добивки во градежништвото не се врзани само за главниот град. Нејзиното присуство во топ 5 покажува дека регионалните градежни компании, со стабилни проекти и континуитет, можат да бидат меѓу најпрофитабилните во земјата.

На шестото место е СМС Шопс ДООЕЛ, со добивка од 3,19 милиони евра. Компанијата не е нова на пазарот, а во јавноста е препознатлива преку градежниот бренд СМС Construction. СМС Шопс е поврзана со изградбата на зградите во рамки на Ист Гејт Ливинг, станбениот комплекс кај Ист Гејт во Скопје.
Седма е Обновители ДООЕЛ, со добивка од 3,16 милиони евра. И оваа компанија првпат се појавува меѓу најголемите добитници во градежништвото. Обновители е дел од истата деловна приказна со комплексот спроти „Холидеј ин“. Компанијата е поврзана со МПЦ-ОА и М.Г. Фешн. Влезот на Обновители во топ 10 е важен затоа што покажува дека добивките од проектот спроти „Холидеј ин“ не се гледаат само преку една компанија. Заедно, М.Г. Фешн и Обновители имаат добивка од речиси 8 милиони евра во 2025 година, што го прави овој комплекс една од најзначајните градежни приказни на годината според финансискиот резултат.
Осма е Алекс-3 ДООЕЛ, со добивка од 3,08 милиони евра. Компанијата е пример за субјект кој влегува високо на листата без силна јавна препознатливост во споредба со поголемите градежни брендови. Кај ваквите компании финансискиот резултат е главниот релевантен податок, а нивното присуство во топ 10 покажува дека градежниот сектор има и помалку експонирани, но профитабилни играчи.
На деветтото место е ВИП Проект ДООЕЛ, со добивка од 2,84 милиони евра. Ова е политички најзвучното име на листата, бидејќи сопственик на компанијата е поранешниот премиер Љубчо Георгиевски. ВИП Проект е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени згради.
Десетта е српската Енергогроуп ДОО, со добивка од 2,27 милиони евра. Компанијата ја заокружува листата како пример за фирма која се позиционирала во секторот преку проектен пристап и градежна активност. Нејзиното присуство во топ 10 покажува дека пазарот во 2025 година имал простор и за компании кои не се дел од најстарите домашни градежни имиња.
Филип Костов
