Економија, финансии, бизнис

Контакт

Топ 10 компании со најголема добивка за 2025 од продажба на автомобилски брендови

Топ 10 компании со најголема добивка за 2025 од продажба на автомобилски брендови

Десетте најпрофитабилни компании од продажба на автомобилски брендови на македонскиот пазар во 2025 година оствариле вкупна добивка од 34,57 милиони евра. Листата се однесува на компании што работат во Македонија и ги опфаќа фирмите поврзани со премиум и популарни автомобилски брендови, комерцијални возила, кинески производители, како и со половни возила.

На врвот на листата е МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје, со добивка од 7,25 милиони евра. Компанијата е генерален застапник за Мерцедес-Бенц, односно за патнички и стопански возила од овој бренд.

Веднаш зад неа се наоѓа ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, со добивка од 7,09 милиони евра. Компанијата ги застапува брендовите Фолксваген, Ауди, Шкода, Сеат, Купра, Порше и Фолксваген комерцијални возила.

Третата позиција ѝ припадна на МА ТРУСТ ДОО Скопје, со добивка од 6,08 милиони евра. Компанијата се поврзува со групацијата околу Мак Аутостар.

Во првата петорка влегува и М КАР ДООЕЛ Скопје, со добивка од 3,26 милиони евра. Компанијата е официјален увозник на брендовите Бе-ем-ве и Мини.

Со добивка од 2,56 милиони евра, ЕУРОИМПЕКС ДОО Скопје се позиционира на петтото место. Компанијата работи со брендовите Пежо и Опел, кои се дел од нејзината продажна и сервисна мрежа.

Шестата позиција ја зазема АВТОНОВА ДОО експорт-импорт Скопје, со добивка од 2,54 милиони евра. Фирмата работи со брендот Ситроен.

Следна на листата е ТОЈОТА АВТО ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје, која во 2025 година остварила добивка од 2,03 милиони евра. Компанијата е официјален претставник на Тојота, а во нејзината продажна и сервисна понуда е вклучен и брендот Лексус.

Осмото место го држи ОФИС ЕКСПРЕС ДООЕЛ Кочани, со добивка од 1,63 милиони евра. Оваа компанија се издвојува од останатите во листата бидејќи преку Ауто Велт работи со увоз и продажба на половни патнички, комерцијални и товарни возила.

Меѓу десетте најпрофитабилни компании е и АУТОМОБИЛЕ-СК ДОО експорт-импорт Скопје, со добивка од 1,11 милиони евра. Компанијата е поврзана со продажба на возила од брендовите Фиат, Фиат Профешнл, Абарт, Алфа Ромео и Џип.

Листата ја заокружува АБЦ-БРОТХЕР ДООЕЛ Скопје, со добивка од 1,02 милиони евра. Компанијата работи со повеќе автомобилски брендови, главно од кинескиот пазар, меѓу кои Ди-еф-ес-кеј, Донгфенг, Фортинг, ЏАК и ГАЗ, а во понудата се појавува и премиум брендот Воја.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести