Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тоне ли гордо „Македонијатурист“?

Тоне ли гордо „Македонијатурист“?

Најголемиот хотелиерски маг Доне Таневски дочека неговата компанија да книжи загуба од оперативното работење ! Анализата на „Фактор“ покажа дека хотелскиот гигант има хроничен проблем со падот на приходите! Споредбата покажа дека, во десет години, тие од 2 милиони евра за првите три месеци 2008 година паднале за повеќе од 60 отсто до 740.000 евра во првиот квартал годинава. Господине Таневски дали најскап кревет е празниот кревет?  

„Македонијатурист“ најголемата и најреномирана хотелиерска компанија за прв пат во период од десет години покажа загуба во оперативното работење! Верувале или не, но скопската компанија која управува пет големи хотели има поголеми оперативни расходи од приходи од продажба, покажуваат податоците за првиот квартал годинава што компанијата ги објави на Македонската берза за хартии од вредност.

Компанијата во првиот квартал годинава има приходи од продажба во износ од 45,8 милиони денари и тие во однос на истиот период лани се пониски за 22,3 милиони денари односно за 33 отсто. Наспроти нив оперативните расходи на компанијата се 52,2 милиони денари и во однос на истиот период лани тие се пониски за 4,3 милиони денари. Нето разликата меѓу приходите и расходите од работењето е негативна и расходите се повисоки за 6,4 милиони денари. Оперативната загуба на „Македонијатурист“ за првиот квартал годинава изнесува 5,2 милиони денари. Дали раката на хотелиерскиот маг Доне Таневски повеќе и не е толку силна и дали има се под контрола во најголемата хотелиерска компанија? Дали е време да се бара млада и свежа крв во менаџирањето на „Македонијатурист“? Ќе се остави ли простор на млади и спретни менаџери кои имаат визија и знаат како да ги истакнат и продадат предностите на „Македонијатурист“ пред, очигледно, зајакнатата конкуренција? А може ли да се случи промена на подобро со фразите во кои конкуренцијата се нарекува нелојална, а не се иницираат системски мерки за нејзино спречување?

Очигледно дека на „Македонијатурист“ и треба голем ремонт. Ситуацијата во првиот квартал ја спасиле финансиските приходи кои станаа главен адут затоа што негативата од 5 милиони денари од оперативното работење ја претворија во нето добивка од 4,5 милиони денари. Но може ли така?
Менаџментот на компанијата со една реченица констатира „Имајќи го предвид напред изнесеното остварените резултати се задоволителни.“ Причините на кои се повикува може да ги прочитате на следниот линк http://www.seinet.com.mk/Default.aspx?lang=MK&docID=40997  и доколку ги пребарате и образложенијата од претходните години ќе забележите многу повторувања.

 Голема главоболка за пензискиот фонд на НЛБ Скопје!

Најпогоден од оваа ситуација е најголемиот мал акционер тоа е отворениот задолжителен пензиски фонд на НЛБ Скопје кој поседува речиси 9 отсто од акциите со право на глас и има вложено значајни средства на идните пензионери и има големи очекувања од „Македонијатурист“ во нивните проекции и антиципации. Првите луѓе на друштвото кое управува со фондот веројатно дека ќе го зголемат притисокот врз Таневски и раководството со сите легални средства кои им стојата на располагање. Тука треба да се очекува и поддршка од менаџментот на КБ Публикум кој управува со фондот МБИ-10 кој веројатно купува и купувал акции во „Македонијатурист“ со оглед на нејзиното реноме, дивиденда историја и кеш депозити.
Портфолио менаџерите како големи, а мали акционери веројатно ќе бараат одговори од Доне Таневски и неговата ќерка Мирјана Таневска кои седат во управниот одбор заедно со Соња Бибановска и одлучуваат за сите деловни активности на големата хотелиерска компанија.

„Фактор„ за вас почитувани читатели ги извади, подреди и спореди најважните податоци за првите квартали на „Македонијатурист“ во период 2008 – 2017 година. Годинава е најслаба досега  и прва со загуба од оперативното работење!


Слично

Поврзани вести