Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тодоровски: Москва е разочарана од Трамп - Се враќа воената сила во меѓународните односи со ризик за поголем конфликт

Тодоровски: Москва е разочарана од Трамп - Се враќа воената сила во меѓународните односи со ризик за поголем конфликт

Непосредните последици од војната во Иран веќе се чувствуваат со поскапувањето на енергенсите, но долгорочните последици од овој конфликт на Блискиот Исток може да предизвикаат нови дестабилизации. Во моментов, во светот само САД и НР Кина имаат свои технолошки еко-системи, и околу нив ќе се создаваат разни блокови и сојузи, смета Дарко Тодоровски докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација.


Од аспект на руската надворешна политика сосема извесно е дека војната во Иран го „уби“ моментумот за ставање крај на војната во Украина на преговарачка маса. Дали можеби и Балканот е следно жариште и извор на нестабилност, прочитајте во анализата со Дарко Тодоровски, кој подолго време живее и работи во Русија.

Каква е улогата на Русија во геополитичките поместувања на Блискиот Исток? Дали Русија му помага на Иран во тековната војна со САД и Израел и какви се позициите на Москва по случувањата во Сирија, Венецуела и сега Иран?

Тодоровски:Неуспешните преговори помеѓу САД и Иран во Женева беа организирани со посредство на Русија, Турција и Катар. Иран пред војната во договор со Русија, се согласи иранскиот ураниум да биде транспортиран и складиран на територијата на Русија.  Но, Трамп ја отфрли понудата на Путин за транспорт на ирански ураниум во Русија. После почетокот на војната, Русија се понуди да биде посредник помеѓу САД и Иран и да организира преговори, но САД тоа го одбија. Иран е важен стратешки партнер за Русија, а исходот од сегашната војна ќе влијае и на ситуацијата јужно од границите на Русија и на поширокиот Блиски Исток. Според различни американски извори, Русија му помага на Иран со разузнавачки податоци. Сигурно има и размена на искуства помеѓу Русија и Иран.

Војната во Иран како да се подготвуваше во последните речиси 50 години, но досега ниту една американска администрација не се реши да изврши директен воен напад врз Техеран и да се обиде да го смени режимот на ајатоласите, како што тоа го направи Трамп. Зошто токму сега овој потег на големата шаховска геополитичка табла?

Тодоровски:Светот е сведок на реализација на политиката „мир со посредство на сила“ на претседателот Трамп. САД се обидуваат преку сила да ги зачуваат и зацврстат своите позиции, водејќи се од фразата „она што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на бикот.“

Со доаѓањето на Трамп на власт, за Израел се отвори прозорец на можности за решавање на неколку стратешки национални прашања. Нетанјаху реши дека е дојден моментот за затворање на стратешките безбедносни прашања за Израел, односно уништување на шиитската полумесечина на Блискиот Исток. Во 2025 година Израел за време на Дванаесетдневната војна иако успеа да оствари дел од тактичките цели, не успеа да ги оствари стратешките цели. Иран не беше победен. Затоа Израел денес со САД се решени да го затворат иранското прашање, да се пресметаат со Иран и неговите сојузници на Блискиот Исток, почнувајќи од Хезболах во Либан, Хутите во Јемен, Катаиб Хезболах во Ирак и другите шиитски милиции во Ирак. За властите во Иран ова е борба на живот и смрт, и Иран жестоко одговара и не е готов да се предаде. Голем број американски воени бази и објекти на Блискиот Исток се погодени и оштетени како резултат на иранските ракетни напади и напади со дронови камикази.

Останува да видиме дали Израел и САД ќе ги достигнат своите стратешки цели.

Додека во иранскиот контекст многумина гледаат кон Москва, малкумина ѕиркаат кон Пекинг и можеби поважното прашање за последиците од прекинот на снабдување со нафта и енергенти преку затворањето на Ормутскиот Теснец. Дали поголемата цел на САД во овој момент е да изврши дисрупција на енергетските потреби од нафта на Кина, имено и Венецуела беше прилично насочена кон извоз на нафта и соработка со кинеските компании. Но, истовремено економскиот шок ќе го почувствуваат сите, па дали ова е навистина главната или суштинската цел во „нафтениот гамбит“ на САД?

Тодоровски:Ормутскиот теснец низ кој минуваат 25% од светското производство на нафта и 20% од светското производство на гас е практично блокиран. Венецуела учествува со 2% во кинескиот увоз на нафта, а Иран со 10%, и тоа не е критично за НР Кина и за нејзината енергетска безбедност. НР Кина има можност да го зголеми увозот на нафта од други држави и региони. Стратегијата на НР Кина е да не зависи од еден или два доставувачи на нафта.

Главен регион за американската надворешна и одбранбена политика после 2012 година е Индо-Пацификот, односно тогаш Обама објави „свртување кон Азија“. За САД, НР Кина е „примарен стратешки ривал“.  НР Кина денес е водечка технолошка и економска супер-сила, а не само „светска фабрика“. Земјата произведува над 30% од светските индустриски стоки, но е и лидер во вештачката интелигенција, 5Г мрежа, електричните возила и зелената енергија. НР Кина поседува единствена база од сите 100 индустриски технологии. Индексот АСПИ за критична технологија за 2025 година покажува дека Кина е лидер во 66 од 74 клучни технологии, додека САД се лидери само во осум. Повеќе од јасно е зошто САД се обидуваат да ја блокираат НР Кина и нејзиниот подем.

Деновиве Истражувачкиот проект за трошоците за војна на Универзитетот Браун објави интересно истражување: од 2012 година, САД потрошиле приближно 3,4 трилиони долари за воени и стратешки програми насочени кон „блокирање на НР Кина“. За споредба, тоа е повеќе од целата 20-годишна војна во Авганистан (2,3 трилиони долари). Повеќе од двојно повеќе од буџетот на Министерството за транспорт на САД во истиот период.

Заливските монархии, односно најголемите производители и извозници на нафта, го преиспитуваат својот „ексклузивен“ однос со САД откако стана јасно дека САД не се во можност да ја обезбедат ветената заштита за Заливските монархии. Заливските монархии, пред се Саудиска Арабија и ОАЕ, се повеќе се свртуваат кон Азија, односно соработка со НР Кина и Јужна Кореја.


Една криза ја заменува претходната, па така сега веќе никој не зборува за ковид, војната во Газа, а се помалку и за војната во Украина. Колку иранското прашање ги помести плановите за можно решение на преговарачка маса наместо пролонгиран воен судир кој како камен околу вратот и стои на Европа?

Тодоровски:Иранското прашање е од стратешко значење за Израел. Израел е најважниот стратешки партнер на САД, и кога е во прашање Израел и неговите национални и стратешки цели, САД се спремни секогаш да го поддржат Израел.

Нападот на САД и Израел врз Иран во време на дипломатските преговори во Женева, според Москва, Пекинг, и голем број држави значи дека на САД не може да им се верува, и дека преговорите со САД ништо не значат.

Според рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, „Духот на Анкориџ“, односно збирот на меѓусебни договори помеѓу Русија и САД за ставање крај на конфликтот во Украина е практично мртов, и дека САД не го исполниле својот дел од договорот. Москва е разочарана од Трамп и САД, и од фактот дека САД не преговараат со Русија на рамноправна основа. Факт е дека мировните преговори, како и самиот конфликт на полето на битката, влегоа во ќорсокак. САД полека се дистанцираат од преговорите, бидејќи и Русија и Украина не сакаат да отстапат од своите црвени линии, а за САД во моментов приоритет е Иран.

Веројатноста од склучување на мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина од ден на ден е се помала.

Кои се подолгорочните последици од војната во Иран и отцртувањето на новиот светски поредок. Веќе многумина светски лидери посочија дека дошло до крај на ерата на поредок базиран на меѓународно право, и враќање на поредок базиран на моќ. Во контекст на европските безбедносни предизвици, дали можеби Балканот или некој друг волатилен регион е следно можно жариште?

Тодоровски:Ерата на поредок базиран на меѓународното право заврши уште во 2003 година. Стариот Светски поредок е мртов, и истиот нема да се врати. Факт е дека на прво место во меѓународните односи се враќа факторот воена сила, дека светот влезе во ера на турбуленции и локални и регионални војни и кризи, кои можат да доведат и до Светски конфликт. На рушевините на стариот поредок, ќе се создаде нов Светски поредок.

Големите сили постапуваат на начинот „Силните прават што сакаат, а слабите страдаат како што мораат.“ Целта на Вашингтон не е толку да воспостави нов светски поредок, колку да создаде глобален хаос во кој ќе владее. Нападот на САД и Израел против Иран нанесе катастрофален удар врз идејата за неширење на нуклеарно оружје. Нуклеарното оружје, повеќе од кога било досега, служи како единствена вистинска гаранција против напад од САД.

Наместо глобализација, светот се движи кон регионализација, и создавање на различни блокови и сојузи.

Светот, а посебно Европа се милитаризираат. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), помеѓу 2021 и 2025 година, европските земји учествуваа со 33% во глобалниот увоз на оружје. Украина, Полска и Велика Британија се најголемите увозници на оружје во Европа во последните пет години. Речиси половина од оружјето испорачано на европските земји беше произведено во САД (48%), по што следуваат Германија (7,1%) и Франција (6,2%). Помеѓу 2016-2020 и 2021-2025 година, комбинираниот увоз на оружје на 29-те тековни европски членки на НАТО се зголеми за 143%.

И покрај забрзаната милитаризација на Балканот, создавањето на нови воени сојузи помеѓу Грција, Кипар и Израел против Турција, како и помеѓу Хрватска, Албанија, Косово против Србија, веројатноста од воен конфликт на Балканот во блиска иднина е ниска. Кризни жаришта и понатаму ќе останат Блискиот Исток, Централна Африка, регионот Сахел, Судан, а можен е конфликт од низок интензитет на Куба, можно е повторно активирање на конфликтот помеѓу Индија и Пакистан, и потенцијален регион каде се можни конфликти во наредниот период е Југоисточна Азија, односно Камбоџа и Тајланд, како и тензии околу Тајван и Филипините.

Х.С.

Слично

Поврзани вести