Економија, финансии, бизнис

Контакт

Луѓето сакаат уникатни филиграни

Луѓето сакаат уникатни филиграни

Дијана Тодоровски од Скопје веќе 5 години се занимава со изработка на филиграни и вели дека оваа работа многу ја исполнува. За овој занает објаснува дека е потребно едукација, многу вложен труд и трпение. За клиентите од своето искуство вели дека сакаат да носат уникатни филиграни. 

Фактор: Колку време се занимавате со филигран?

Откако знам за себе сум сакала да работам и создавам нешто со своите раце и мислам дека сум била добра во тоа.  Поигрувајќи се со најразлични хобија низ годините, сфатив дека рачната работа ме исполнува. Со филигранот и изработката на накит од сребро за прв пат се сретнав пред околу 5 години и се пронајдов себеси. Можам да кажам дека овие 5 години се убава пресвртница во мојот живот.

Fактор: Дали овој занает во денешно време носи заработка и колку може да се заработи?

Ах, тешко е да се каже. Веројатно секоја работа си има свои потешкотии па така и изработката на накит. Тоа што е убаво во мојата работа сепак се насмевките од клиентите и пофалните зборови кога ги добивам.

Фактор: Колку треба да се инвестира во себе за да се усоврши овој занает, колку време, труд, средства се потребни?

It takes patients and time…би рекол Џорџ Харисон (третиот Битлс). Ништо не се учи преку ноќ. Неодходен е курс од миниму 6 месеци (после кој дојдов до познатиот цитат ... сега знам дека ништо не знам), но со континурано работење се постигнува  усовршување. Изработував парче по парче не штедејќи ни труд ни време.

Потребна е инвестиција во средства, но сепак (иако звучи како клише) најголемата инвестиција е љубовта кон работата како и трудот и времето посветено.

Од друга страна потребен е брендинг и продукт менаџмент што би рекле маркетерите.  Потребна е промоција, која порано беше потешка,  а денес дигиталните медиуми ја прават малку полесна. Имав прилика да работам во маркетинг агенција околу 10 години и се трудам знaењето кое го стекнав таму да го применам на дело. 

Фактор: Што бараат клиентите, имаат ли некои посебни желби кога се работи за филигранот?

Сите сакаат уникати.  Нормално е секоја жена да сака парче кое ќе биде единствено, посебно и само за нејзе направено. Тоа рачната изработка и го овозможува. Можеби од некој дизајн ќе направам 2 или 3 парчиња, но тие сепак се различни бидејќи се рачно изработени и секако дека секое парче барем во нешто се разликува.

Луѓето секогаш сакаат убави приказни, па се трудам колку што можам да внесам нешто лично и имагинативно во секој дизајн.

Фактор: Имаат ли младите интерес за филигранот?

Мојата публика мислам дека е од 30 години нагоре, бидејќи сребрениот накит е малку по-ексклузивен и не е достапен за менување секој ден. Филигранот е уникатен и бара посебни прилики.

Младите денес не се плашат од ништо. Имаат навики на секојдневно менување на изгледот, како и храброст да се носат со тоа. Знаат да стават необично (алтернативно) парче на себе, а тоа не е лесно да се постигне со сребро.

Од дизајнерите, секако би ја издвоила мојата драга помлада колешка Ксенија Котев која знае да не’ воодушеви со своите преубави и малку пооткачени дизајни. 

https://www.facebook.com/DobroMiStoi/

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести