Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тодоровиќ во клин, Жерновски во плоча, ревизијата на СК 2014 ни на небо ни на земја!!!

Тодоровиќ во клин, Жерновски во плоча, ревизијата на СК 2014 ни на небо ни на земја!!!
Власта и опозицијата по кој знае кој пат, во клинч за контроверзниот проект “Скопје 2014”. Старите рани повторно ги отвори Извештајот за вклученоста на општина Центар во проектот “ Скопје 2014”, спроведен по барање на сегашниот градоначалникот на Центар Андреј Жерновски. Кој е во право, дали се трошеле незаконски буџетски пари, како се спроведувале тендерските постапки, колку се почитувале законите, ова се само дел од деталите што ги содржи првиот дел од извештајот изработен од професор д-р Слаѓана Тасева и Драган Малиновски. Извештајот градоначалникот Жерновски  ќе го достави до јавното обвинителство. Ревизијата на контроверзниот проект “Скопје 2014” беше главниот адут на Жерновски на локалните избори. Дури и ставовите на дел од експертите беа  дека причината за падот на поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ е токму начинот на кој овој проект се спроведуваше и парите кои се трошеа. - Генерално променета на политиката е под влијание на “Скопје 2104”, особено на овие барокни фасади што не опкружуваат, луѓето не се задоволни од тоа како се води политиката во таа општина, тоа е одговор и на прашањето за “Скопје 2014” и на сите тие спомениците и трошења на пари, тоа е прв изблик на незадоволство од правецот во кој се движи државата, а кој почнува од општина Центар, изјави неодамна за Фактор политикологот Петар Арсовски. Но и тогаш и сега власта тврди дека не се плаши од ваквата ревизија бидејќи реализиацијата на проектот е чиста и законска. - Би бил среќен што побрзо да ја направи за да се види дека нема ништо од сите обвинувања што доаѓаа од него и од целата опозиција“,по ревизијата се надевам дека Жерновски ќе има доблест да се извини за се што говорел досега. Очигледно си бара алиби дека во идниот период нешто ќе работи, а всушност тоа е алиби за неговото неработење и неправење конкретни дела за општината што се неопходни за граѓаните, изјави премиерот Никола Груевски на 18-ти мај годинава. Во интервју за Фактор во текот на изборите, тогашниот градоначалникот не даде конкретен став за “Скопје 2014”, но истакна дека се гордее со неговата реализација. -Проектот “Скопје 2014” е Мега проект,  кој тешко би можел да го реализира било која власт во било која земја. Тоа што опозицијата го напаѓа неаргументирано е само да си ја оправда својата неспособност кога таа била на власт, изјави на 16 –ти март Тодоровиќ. Што покажа отчетот на Тодоровиќ и Канческа- Милевска Ден по победата на Жерновски поранешниот градоначалник на Центар,  Тодоровиќ, министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска и директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, пред јавноста на прес конференција дадоа отчет за проектот “Скопје 2014”. Беа презентирани само сумите, и тогаш за прв пат јавно се обелодени дека првичните предвидени 80 милиони евра за проектот се надминаа и достигнаа 208  милиони евра. Но и тоа не е конечна сума бидејќи уште се работи на проектот. Канческа- Милевска изјави дека цената била тројно поголема од предвиденото, поради фактот што дел од објектите воопшто не биле ставени во првичниот план, туку подоцна било решено тие да се градат. Оваа собрана сума сега е надоградување, проширување на првичната визуелизација, но не се 500 милиони или една милијарда евра, како што се слуша во средствата за јавно информирање. Тие шпекулации воопшто не држат и не се релевантни и вистинити и затоа се кажуваме прецизно, со склучени договори, изјави Канческа-Милевска. За дел од стручната јавност беше нејасно зошто ден по победата на Жерновски власта ги изнесе сумите за проектот и го постави прашањето, колку овој отчет е веродостоен? -Навистина не можам да гарантирам за веродостојноста на отчетот, а мислам дека до сега и никој нема направено темелна анализа на сите поединости поврзани со “Скопје 2014”. Тешко се доаѓа до веродостојни информации за потрошените средства, а особено за трагата на релација Министерство за култура и Општина Центар, изјави тогаш за Фактор Искра Гешовска, претседател на Контрапункт Јадро. Кои се деталите од Извештајот за вклученоста на Центар во Скопје 2014? Извештајот е изработен врз основа на неколку закони: Закон за меморијалните споменици и спомен обележјата ,Закон за локална самоуправа, Закон за Град Скопје, Закон за јавните набавки и  Статутот на општината Центар. Комисијата утврдила дека се превземени  вкупно 57 постапки во вкупна исплатена вредност од над 55 милиони евра. Во периодот од 2007 до 2013 година, за изведбата на спомениците и пропратните содржини од централниот буџет се префрлени на сметката на Општина Центар вкупно околу 58 милиони евра,  за кои според Комисијата нема законска оправданост, бидејќи законски пари можат да се префрлаат во локалните буџети само доколку се градат капитални објекти. Комисијата утврдила незаконско градење на меморијални споменици, бидејќи како што стои во образложението, според законите само Собранието може да донесе одлука за поставување на меморијален споменик, додека општините можат да поставуваат спомен-обележја. Но, општината сите споменици кои ги подигала ги водела како спомен - обележја, а не споменици со цел да се заобиколи Собранието. Незаконитости се утврдени во тендерските постапки, и надлежностите на општината. Така законски општината не смеела да гради мостови и фонтани во реката Вардар бидејќи тоа било надлежност на град Скопје. Констатирано е дека се билдани првично објавените пресметковни вредности на спомениците, кои се разликуваат со оние во потпишаните договори.  Така споменикот на Ченто според основниот договор чини 65 илјади евра, а потоа вредноста достигнала над еден милион евра. Комисијата утврдила дека споменикот на Никола Карев пред Собранието кој според документацијата е лиен од мермер за 45 милиони денари, а по увидот е востановено дека споменикот е направен од бронза која требало да чини 5 милиони денари. ВМРО ДПМНЕ: Жерновски сам да поднесе пријави за сторителите, да не се крие зад обвинителството Каде пишува дека општината не може да гради пешачки мостови? Зарем никаде и никогаш до сега во Македонија ниту една општина нема изградено пешачки мост? Двата моста во Центар се изградени во целосно законски постапки со сите потребни мислења од градот Скопје и останатите надлежни институции и нема ништо спорно во тоа, вака ВМРО ДПМНЕ реагираше на обвинувањата од Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, кои правеа ревизија на проектот „Скопје 2014“. Како една нивните забелешки беше и дека  посочувајќи дека општината иако немала надлежност, сепак  градела мостови. Ако навистина има незаконско работење во проектот „Скопје 2014“, тогаш надлежните во општина Центар можат сами да поднесат да поднесат пријави за сторителите, реагираат од ВМРО –ДПМНЕ. Во спротивно, доколку тоа не го сторат и чекаат на јавното обвинителство тогаш очигледно е дека ревизијата не утврдила никакви незаконитости и дава само паушални оценки. - Ги повикуваме веднаш да поднесат пријави, општината го има тоа право, а ако не поднесат тогаш очигледно се работи за невистинито партиско одработување без факти и аргументи. Ние ги повикуваме тие да поднесат тужба, имаат право на тоа, наместо да ја префрлат топката бегајки од можноста за контратужба  за лажно обвинување, се вели во рекцијата на ВМРО –ДПМНЕ. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ бара и извинување од Андреј Жерновски. „Од наши извори во општината знаеме дека комисијата се изнамачила да формира заклучоци кој ќе звучат негативно за проектот, а притоа да нема да има можност оние кои ги искажуваат обвиненијата да бидат тужени за клевета. Подготвени се и институциите и партијата и поединци кои работеа на проектот да одговараат поединечно за сите точки наведени на пресот колку и да се тие општи и политички и тоа ќе го направат за кратко, се вели во писмената реакција на владејачката партија. Овој извештај на комисијата е првичен, а за два месеци ќе следува нов со длабинска анализа на договорите за секој споменик одделно. Ј.С.
Слично

Поврзани вести