Тодорoв: Се надевам дека е можно да се приближат ставовите
За преговорите меѓу партиите, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ се надева дека е можно да се приближат ставовите.
„ВМРО-ДПМНЕ оди на тие преговори со цел да се договори, да се најде решение и да се заврши целата оваа криза“ - изјави денеска Тодоров.
Тврди дека направиле многу отстапки како партија, само да се реши кризата.
„Имало определени отстапки од едната и од другата страна. Во вакви преговори секоја страна смета дека таа најмногу отстапува и тоа мора да се преброди. Нормално ние викаме дека ВМРО-ДПМНЕ направила повеќе отстапки, а СДСМ ќе каже дека тие направиле повеќе отстапки, но сепак таква е ситуацијата да треба да се собере храброст и да најдеме едно заедничко решение. Ние направивме доста отстапки во тој правец. Очекуваме една отстапка сега во финалето на овие преговори и од страна на СДСМ“ - додава тој.
Вели дека сака овој процес да успее и да се реши кризата во земјата.
Се преговара со денови, но без резултат и конечен договор. Во преговорите се вклучени работни групи од четирите партии потписнички на договорот од Пржино.
