Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тодоров: Нема сомнение дека изворот на листеријата се производи на „Екстра Меин“

Тодоров: Нема сомнение дека изворот на листеријата се производи на „Екстра Меин“
Изворот на листерија во Македонија е еден - сите заболени консумирале сувомесни производи од кумановската фабрика „Екстра Меин“, рече денеска министерот за здравство Никола Тодоров, откако во земјава беше регистриран и петтиот смртен случај од листериоза. Тој вели дека не е изненаден што резултатите од испитаните површини и машини во „Екстра Меин“ дале негативни резултати затоа што иснпекторите веќе го информирале дека „просториите и машините буквално биле потопени со средство за дезинфекција“. „Нормално е дека ќе бидат негативни мострите бидејќи се направени 15-20 дена откако е детектирана листеријата и откако се преземени сите мерки за дезинфекција или хигиенски мерки кои се неопходни за чистење на машините и просторот. Што значи дека беше многу очигледно дека ќе бидат негативни резултатите. Од типизацијата која беше направена беше покажано дека станува збор за идентичен извор на листерија на сите заболени“, вели Тодоров. Се прави генотипизација на листеријата откриена кај последната 16-годишна пациентка од Неготино, но и на бактерија детектирана во еден производ од „Екстра Меин“ кој го донела жена и барала да биде испитан стравувајќи за сопственото и за здравјето на своето дете. Досега сите изолирани примероци на листерија покажале дека припаѓаат на ист генетски тип, што значи дека изворот е единствен. Истовремено, фактот што се работи за заболени на целата територија на Македонија, покажува дека станува збор за производ дистрибуиран во целата земја, што е потешко со земјоделски производи. „Земете ги сите овие докази и факти и мислам дека најмала елементарна логика е доволна за да се извлече соодветен заклучок. Очекувам дека Основното јавно обвинителство ќе ги цени доказите кои сме ги доставиле, ќе обезбеди и други докази во постапката која ја води и ќе излезе со соодветна процедура“, нагласи Тодоров, кој ги искара институциите кои „во една вака сложена ситуација полемизираа меѓусебно и на тој начин се создаде забуна во јавноста за тоа дали е детектирана листеријата“. На Инфективната клиника во Скопје денеска почина 46-годишниот маж од Неготино, кој е петта жртва на опасната бактерија во Македонија. Пациентот, кој речиси две недели се борел со компликациите предизвикани од листеријата, вчера покажувал знаци на благо подобрување, но потоа состојбата му се влошила и починал.
Слично

Поврзани вести