Тодоров најавува – ќе ги дисциплинира и пациентите кои не го почитуваат „Мој термин“
Дури 45 илјади граѓани во октомври не го откажале и никогаш не се појавиле на својот преглед закажан преку електронскиот систем „Мој термин“, вели министерот за здравство Никола Тодоров. Станува збор за околу 48 илјади закажни прегледи, кои прават огромни трошоци за здравствениот систем и долги редици за чекање за преглед.
Бројката на закажани, а неискористени термини за здравствен преглед од почетокот на годината изнесува над 672 илјади, односно кај лекарот не се појавиле 420 илјади граѓани, од кои некои пропуштиле два или повеќе различни термини.
„Ова недоаѓање на овие 45 илјади пациенти во октомври ако го изразиме во денгубење би било, висината на штетата би била 13 милиони денари за еден месец, односно 217 илјади евра“, вели Тодоров, кој смета дека заради ова пациентите мора да се дисциплинираат.
Како пример го наведе искуството од неколку развиени земји, како Германија, Белгија, Шведска и Канада каде како казна за неоткажување на закажан термин, следниот преглед на кој ќе се појави пациентот и да е бесплатен, се плаќа приватно, додека во Данска, глобата за пропуштен термин изнесува до 70 евра.
Сепак, Тодоров уверува дека целта не е пациентите парично да се казнуваат, туку во јавноста да се зголеми свеста за потребата да се почитува системот за закажување „Мој термин“.
Министерството со законски измени најави дека ќе ги дисциплинира и лекарите. Откако за лекарите кои доцнат се спроведуваат дисциплински постапки, бројот на лекари кои задоцниле повеќе од еден час на закажан преглед е драстично намален - од 162-ца на 40 во еден месец.
Слично
