Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тодоров: МојТермин е коренита реформа во здравствениот систем

Тодоров: МојТермин е коренита реформа во здравствениот систем

Сликата за здравствениот систем во Македонија од аспект на опременост, кадровски потенција, но и структурна организираност е темелно променета од периодот пред 2006, и потоа. Министерот за здравство Никола Тодоров во интервју за Прес24, вели дека за тоа колку е сменета сликата за здравствениот систем покажувa фактот дека околу 55% од опремата која во моментот се користи во јавните здравствени установи во државата е набавена во периодот од 2011 година досега.

-Всушност, најдобар показател се примерите од секојдневната практика. На пример, во 2004 година во државата имало само 1 апарат за компјутерска томографија (КТ), а денеска има вкупно 18 апарати за компјутерска томографија низ целата држава, вели Тодоров.

Министерот за здравство потенцира дека реформите во овој сектор се видливи во сите сфери, од намалување на цените на над 4.800 лекови, преку отворањето на аптеки во рурални средини, воведување на специјалистички услуги во помалите градови.

-Во здравството се реализираат инвестиции какви што досега немало во историјата на здравствениот систем во Македонија, како што е за првпат отворената Клиника за државна кардиохирургија, која работи со полн капацитет и одлично се развива, формираната мрежа за интервентна кардиологија со повеќе центри низ државата, за првпат воведените поливалентни вакцини. Отворивме околу 70 аптекарски станици и воведуваме Подвижни аптеки во населени места каде претходно жителите патуваа и по неколку часа до најблиската аптека, фактот дека ги намаливме цените на над 4.800 лекови, фактот дека со проектот Наш специјалист воведовме специјалистички услуги во помалите градови за кои досега жителите патувале и по стотина километри само за еден преглед, посочува министерот за здравство.

Според Тодоров МојТермин е еден од темелите на оваа коренита реформа во здравствениот систем.

„Овој систем овозможи секој пациент да се јавува на преглед или снимање во точно закажан термин, така што гужвите и редиците пред ординациите се веќе минато. Со системот се воспостави ред во работата на установите, што меѓу другото ги опфаќа и операциите кои ги споменувате. Но, она што за мене е уште позначајно е тоа што секој доктор, без исклучок, е достапен за секој пациент. Нема потреба од барање на врски, секој пациент, дури и оној од најмалото место од Македонија кој никого не познава во Клиничкиот центар, може без никаков проблем да избере да биде прегледан и лекуван и од најдобриот професор или од докторот за кој слушнал и за кој верува дека е најдобар. Колку и некој да сака ова да каже дека секогаш било така, не било.

Периодов сме фокусирани и на унапредување на работата и функционирањето на шалтерите во јавните здравствени установи, имајќи ги предвид искуствата кои покажуваат дека се случувало пациентот да заврши со прегледот во предвиденото време, а потоа да чека и до еден час за да ги регулира административните процедури на шалтер, што секако создава незадоволство кај пациентот. Во тек е имплементација на повеќе мерки во оваа насока и наскоро очекувам да се почувствуваат позитивните резултати и во овој сегмент“, додава тој.

Слично

Поврзани вести