Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тодоров без конкретен одговор – ќе плаќаме ли отштета на „Висарис“ и колку?

Тодоров без конкретен одговор – ќе плаќаме ли отштета на „Висарис“ и колку?
Министерот за здравство Никола Тодоров и денеска не даде конкретен одговор дали Владата ќе треба да и плаќа отштета на фирмата „Висарис“ за раскинатиот договор за набавка на медицинска опрема. На новинарските прашања денеска тој само кратко одговори дека „сите објаснувања ги дал вчера, пред оние кои го избрале“. „Потенцирав дека досега има исплатено нула денари за овој договор. Јас мојот одговор го дадов јавно, други двајца не дадоа одговор очекувам дека и тие двајца ќе дадат сериозен одговор на сериозните прашања“, рече Тодоров и ја напушти пресконференцијата. Клиниките за чии потреби се нарачуваше опрема од оваа фирма чекаат инструкции од Министерството за здравство, од каде се уште не ги известиле дека има промена во договорните обврски. Тодоров вчера од собраниска говорница, на седница за пратенички прашања, објави дека договорот со „Висарис“ е раскинат од етички причини, но не откри повеќе детали кога и како била прекината спогодбата. Опозициската СДСМ денеска побара оставка од министерот заради скандалот со набавката на медицински апарати од фирмата „Висарис“, фирма сопственички поврзана со новинарката Ивона Талевска. „СДСМ инсистира Никола Тодоров и ВМРО – ДПМНЕ да ја покријат направената финансиската штета од овој спорен тендер, кој што во Македонија донесе нефункционални апарати во клиниката. Бидејќи Тодоров не може да бега од последиците. А, кои се тие последици? Ако овие апарати не се платени како што вели министерот, тогаш тие ќе треба да се платат бидејќи се доставени“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ. Министерството за здравство на вебстраницата ги објави документите за тендерот на кој беше избрана фирмата „Висарис“, но не и договорот и условите кои предвидуваат негово раскинување од етички причини.
Слично

Поврзани вести