Тодоров бара извинување од Шилегов или ќе тужи за клевета
Извинување во рок од 48 часа бара министерот за здравство Никола Тодоров од портпаролот на СДСМ Петре Шилегов за наводите изречени на пресконференциите поврзани со тендерот за набавка на медицинска опрема од фирмата „Висарис“.
Тодоров ги оспорува наводите изнесени на вчерашната пресконференција дека „Девет дена откако е распишан милионскиот тендер од страна на Министерството за здравство, Ивона Талевска се повлекува од фирмата и му ги дава акциите на малцинскиот партнер, Марко Петровиќ. Тендерот е распишан на 11 декември 2012 година, а Ивона Талевска се повлекува на 20 декември 2012 година. „Висарис МКД ДООЕЛ“ Скопје конкурира на тендерот и за 4 месеци го добива милионскиот бизнис од Никола Тодоров.“
„Овие наводи се невистинити и не одговараат на фактичката состојба и со нив нанесовте штета на честа и угледот на Министерството за здравство на Република Македонија и на министерот за здравство Никола Тодоров“, стои во официјалното барање за извинување.
Согласно Член 13 од Законот за Граѓанска одговорност за навреда и клевета, министерот за здравство бара јавното извинување да се објави во ист обем и преку истите средства за јавно информирање преку кои била пренесена и првичната вест.
СДСМ закажа пресконференција за попладнево на која се очекува одговорот на Шилегов.
Слично
