Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тодоров: Ако генијалците не се експерти, зарем новинарите се аналитичари?

Тодоров: Ако генијалците не се експерти, зарем новинарите се аналитичари?
Министерот за здравство, Никола Тодоров бара генијалци да го советуваат, но го крие сопствениот коефициент на интелегенција. Иако, денеска новинарите побараа од Тодоров лично да каже колкав е неговиот IQ, министерот одби да одговори. Наместо тоа на новинарите им упати остра порака дека правеле погрешни паралели.
„Моја работа е мојот IQ.  Правите една голема грешка со вакви паралели. Ние не сакаме да промовираме некој нов  систем со кој најинтелегентните ќе владеат, поставувате грешна теорија. Овде станува збор за ангажирање на лица кои имаат многу висок потенцијал за давање на советодавни услуги во комитет кој ќе се состанува еднаш до двапати неделно. Жалам што ве разочарав со одговорот.“
Дополнително, министерот порача и дека нема ништо смешно во идејата да се бараат генијалци кои за 50 до 70 евра ќе треба да го советуваат.
„ Далеку е од смешно. Ова покажува дека Македонците имаат висок потенцијал кој треба да се искористи. Нема дискриминација “- изјави Никола Тодоров.
Но, министерот не застана тука, ниту со објаснувањата ниту со обвинувањата за новинарите.  По завршувањето на прес конференцијата, продолжи со објаснувања. Дообјаснувајќи дека идејата била лична негова, повторно не ја пропушти шансата да ги критикува новнарите за прашања што му ги упатиле, а на крајот испровоциран на прашањето,  што мисли за ставовите на експертите кои порачаа дека генијалец не значи дека е и експерт, Тодоров возврати оти не знаел дека новинарите биле и аналитичари.
На огласот,  според изјавата на министерот стигнале уште две апликации.  Едната била од Македонец кој живее и работи во Америка и има IQ 168 , и втората е девојка од Македонија со IQ 170. Двајцата сакаат да го советуваат министерот за хонорар помал од 100 долари.
И нови апликации, и деманти
Но, иако вчера министерството за здравство соопшти дека им пристигнала првата апликација од генијалец, сепак до доцна вечерта стигна и демант од човекот чие име стоеше на апликацијата што ја посочи министерството. Демантот е потпишан од професорот Октај Ахмед. Тој објаснува дека работи на  Филолошкиот факултет „Блаже Конески“  и дека ниту ќе работи во здравство, ниту, пак, планира да аплицира за било какво советничко место во било кое министерство.
“Поради ова, цело време мојот приватен мобилен телефон ѕвони и затоа бев приморан да го исклучам. Исто така, на социјалните мрежи (Facebook и Twitter) се појавија информации дека јас сум тој пријавениот кандидат на конкурсот на Министерството за здравство. Дури имаше и линкови до мојата приватна веб страна, пишува професорот Ахмед.
Тој објаснува дека во документот фигурира и неговото име, меѓутоа на денот кога писмото е испратено (07 ноември 1999 година), бил само контакт-лице за кандидатите од Македонија, бидејќи бил официјалниот организатор на првото Менса тестирање во Македонија и дозволата за организирање на Менса тестирање во Македонија била на негово име. Тоа беа резултати од првото Менса тестирање во Македонија. Подоцна, со овие кандидати кои го исполнија условот за влез во Менса, официјално и ја формирав Менса Македонија. Но, иако е основач, веќе две и пол години не е  член на Менса Македонија, туку во моментов е  директен член на Меѓународната Менса (Mensa International) со седиште во Лондон, пишува професорот Ахмед во демантот упатен до министерсвото за здравтсво.
Со ова станува нејасно чија апликација објави министерството за здравство. Сепак новинарите не успеаа да добијат одговор на ова и многу други прашања поврзани со генијалната идеја на министерот Тодоров со оглед дека наместо одговори на прашањата добиваат критики и обвинувања зошто прашуваат.
Ова не е првпат министерот Тодоров да отскокнува меѓу министрите во Владата на Груевски со неговите генијални идеи. Им најави војна на фармацевтите, правеше упад по болниците – за да ги фати на спиење  лекарите. Потоа лекарската фела заработи и тужба а по експресната пресуда на судот, министерот го забрани штрајкот на лекарите. Воведува серија мерки со кои во обид да го наметне својот авторитет изминатава година Тодоров создаве револт кај лекарска фела кои дури побараа и извинување од ресорниот министер.
С.Н.
Слично

Поврзани вести