Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТИВКА ВОЈНА МЕЃУ Фондот за ПИОМ и Министерката Ременски!

ТИВКА ВОЈНА МЕЃУ Фондот за ПИОМ и Министерката Ременски!
Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски уште еднаш го повика директорот на Фондот за ПИОМ Шаип Зенели, да даде одговор зошто и кога имало застој со уплатите во приватните пензиски фондови. Ременски вчера изјави дека очекува директорот Зенели сериозно да го свати барањето за дополнителните информации и да ги достави одговорите до ресорното министерство, за да не дојде до поведување на прекршочна постапка. -Јас веќе кажав дека не сме задоволни од привичиот извештај од Фондот за ПИОМ, во однос на нивната обврска кон пензиските друштва и кон осигурениците да даваат целосни и точни информации на министерството кое по закон врши надзор на работењето на ПИОМ во делот на спроведување на Законот за капитално финансирано пензиско осигурување. Истиот ден направивме дополнително барање до Фондот за ПИОМ за дополнителни информации што ги бараме, со нотирање на нивната обврска да ги одговорат целосно. Ние веќе напоменавме дека нас како министерство кое врши надзор над Фондот за ПИОМ ни стојат на располагање и законски мерки во однос на поведување на прекршочни постапки и утврдување на некаква кривична одговорност во делот на попречување на надзорот. Во моментов не би шпекулирала и не би сакала да прејудицирам поведување на прекршочна постапка и кривична одговорност, бидејќи верувам дека в.д  директорот на Фондот за ПИОМ ќе ја свати сериозноста на барањето и во заеднички интререс ќе ги достави дополнителните информации за да не пристапиме кон некакви санкции оти тие нема да го дадат одговорот и нема да го решат проблемот. Нас ни се потребни информации кои ќе ни го дадат одговорот на прашањето дали застојот е направен во 2015-та година или се провлекувал години наназад и која е причината за застојот за уплатите во приватните пензиски друштва, изјави министерката Ременски Во првичниот отчет Фондот за ПИОМ не даде одговор на клучните прашања- зошто доцнела исплатата, како најдоа пари за одеднаш да го исплатат долгот од 11,3 милиони евра, како настанал долгот, дали се префрлал од година во година и дали фирмите ненавремено ги плаќале придонесите за пензиско. Единствена информација била за износот на годишните буџети во изминатите три години и дека на неидентификуваната сметка има 11,3 милиони евра, по основ на пензиски придонеси што не се префрлени кон приватните фондови, но поради некомлетни или неточни податоци на осигурениците. Откако ресорноро министерство побара дополнителни инфомрации, сега на потег е Фондот за ПИОМ, да одговори која била причината за доцнењето на уплатата на задолжителниот процент од придонесите на осигурениците во приватните пензиски фондови. Во двата приватни пензиски фонда има им 403 илјади членови, идни пензионери чии што пензии зависат од редовното уплаќање на задолжителниот процент од придонесите од страна на Фондот за  ПИОМ. Отакако во јавноста се обелодени дека Фондот за ПИОМ доцнел со уплатата на задолжителниот процент од придонесите  во приватните пензиски фондови, за проблемот надлежните си ја префрлаа топката. Директорот на Фондот за  ПИОМ Зенели, прво негираше дека има долг, потоа призна,но дел од вината ја префрли кај државната МАПАС и компаниите кои според неговите информации не плаќале за придонеси.  А премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставрески, прстот во вперија во Фондот за ПИОМ. Долговите на ПИОМ предизвикаа и партиски препукувања. СДСМ обвини дека Фондот за ПИОМ  е пред банкрот и побараа одговорност за грабежот што им се прави на идните пензионери, со тоа што не им се префрлаат нивните придонеси во приватните пензиски фондови. А од владеачката гарнитура пак посочија  дека СДСМ ја издигнала деструкцијата на ниво на партиско обележје. Случувањата во Фондот за ПИОМ предизвикаа бурни реакции во јавноста и паника кај идните пензионери Во најновиот извештај на „Транспарентност Македонија”, се посочува дека ваквите случувања со државниот пензиски фонд се резултат на лошата популистичка политика на Владата во поглед на зголемување на пензиите, наспроти неповолните економски текови во земјата. -Транспарентност Македонија е со став дека со ова се конституираат елементи за извршување на тешки кривични дела од областа на организираниот криминал, бидејќи се работи за организирана група на функционери кои синхронизирано и систематски го кршат законот за остварување на одредена политичка и материјална корист, а на штета на членовите на задолжителниот пензиски фонд. Ова е основ за поведување на соодветни судски постапки од страна на оштетените членови на фондовите, но и на надлежното обвинителство.ТМ ги повикува директорот на Фондот за ПИОМ, директорот на МАПАС, министерот за труд и социјална политика, министерот за финансии и премиерот Груевски да објаснат на кој начин ќе се реши овој проблем, имајќи ја предвид анализата на експертската и стручната јавност дека состојбата во фондот за ПИОМ во наредниот период може само да се влошува, а не да се подобрува? И кој ќе ја плати штетата?, се посочува во извештајот. Според податоците дефицитот во државниот фонд од година во година се продлабочува. Според анализата на Институтот за економски истражувања “Finance think”, во 2008 година буџетската дупка на ПИОМ била околу 160 милиони евра, додека лани дефицитот е зголемен околу 372 милиони евра.Од друга страна од година во година се зголемуваат и трансферите од Буџетот  за да може да се исплаќаат пензии. Ако во 2008 година од Буџетот во Фондот биле префрлени 29 % од потребните пари за исплата на пензии, годинава овој процент е зголемен на 43 отсто. Р.Ф
Слично

Поврзани вести