Тивка криза во Словенија: Кој ќе ги замени 100.000 работници што си заминуваат?
Словенечкиот пазар на трудот останува стабилен, но во наредните години ќе се соочи со голем предизвик поради стареењето на работната сила, бидејќи помеѓу 12 и 14 проценти од вработените се приближуваат кон пензионирање, објави денес Радио Телевизија на Словенија.
Директорката на агенцијата за вработување „Адеко Словенија“, Мирела Курт, предупреди дека меѓу работниците во Словенија моментално има повеќе од 114.000 лица на возраст меѓу 61 и 64 години, поради што се очекува масовно пензионирање во периодот од 2025 до 2028 година.
Во јуни минатата година, Словенија забележа историски најниска регистрирана невработеност, со само 42.398 невработени лица, но поради недостатокот на работна сила, сè повеќе се поставува прашањето како да се обезбеди доволен број работници во наредниот период.
Според Мирела Курт, работодавците сè уште имаат предрасуди кон вработувањето млади луѓе кои бараат прва работа, бидејќи нивната обука бара дополнително време и инвестиции.
Истражувањето на услугата e-Student покажа дека можноста за напредување е сè уште најважна за младите луѓе во Словенија, по што следуваат сигурноста на работното место, добрите меѓучовечки односи и можностите за учење и професионален развој.
Половина од анкетираните сакаат договор за вработување на неопределено време, додека 22 проценти размислуваат за започнување сопствен бизнис.
Анкетата покажува дека младите луѓе најчесто сонуваат за кариера во здравството и технологијата, од лекари до експерти за роботика, а на листата на посакувани занимања се наоѓаат и астронаут, форензички психолог и стратег за тимови во Формула 1.
Телеграф.рс