ТИРЗ во Тетово можност за нови инвестиции
Можност за отворање поголем број фабрики, што ќе значи и нови работни места за жителите од Тетово, Гостивар и регионот дава изградбата на инфраструктурата во Технолошко-развојната економска зона кај Тетово, истакна премиерот Никола Груевски на поставувањето камен-темелник на оваа економска зона што под концесија ја има норвешката фирма НОРМАК.
- Зоната кај Тетово е дел од големиот проект на Владата за отворање вакви економски зони крај сите поголеми градови во државата. Досега се отворени „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“, а градежните работи се одвиваат во Кичево, Гевгелија, Прилеп и Струмица, додека почеток на прибирање документација има на повеќе други места низ државата, рече премиерот Груевски.
Премиерот појасни дека компанијата концесионер ќе ја изгради внатрешната инфраструктура, додека македонската страна е задолжена за надворешната инфраструктура, изградбата на патен приклучок од автопатот Скопје – Тетово до зоната.
- Со изградбата на адекватната инфраструктура ќе има вистински простор што ќе привлече странски инвеститори, особено што одговара местоположбата бидејќи се блиску границите со Косово, Албанија и Србија, постоењето на двата универзитета во Тетово како можност за висококвалитетни и доброобразувани кадри што може да претставува атрактивна зона за многу инвеститори, рече Груевски.
Станува збор за вкупна инвестиција од 7 милиони евра што ќе се реализира во три фази во период од пет години и треба да придонесе за регионален економски развој, појасни Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.
За Ерик Веле Ватне, директор на Иновејшан Норвеј, дел од НОРМАК компанијата, зоната кај Тетово емногу важно место за развој на бизнисот и вети дека нивната компанија ќе ги направи сите потребни напори за да се привлечат инвеститори во неа.
Според министерот за економија Ваљон Сарачини станува збор за реализација на еден капитален проект што гарантира економски просперитет и развој за сите граѓани.
