ТИК-ТАК: Дали Уставниот суд ќе го одбрани Уставот?
За не повеќе од еден месец, Уставниот суд ќе донесе конечна одлука дали на претседателот ќе му дозволи да амнестира осуденици за изборна кражба, педовилија и трговија со дрога.
Иницијативата за амнестирање на лица инволвирани во изборни нерегуларности ја покрена охридскиот адвокат Ристо Китески, кој работи во адвокатска канцеларија на бранител на осомничени лица во случајот „Титаник“, меѓу кои се најдоа и Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски.
Петмина уставни судии гласаа „за”, а четири против оваа иницијатива, а во моментов се чека конечната одлука на Уставниот суд.
Оваа иницијатива предизвика бура од реакции во јавноста и протести пред Уставниот суд.
На неа реагираше и британскиот амбасадор,Чарлс Гарет кој на Твитер напиша „Какви се овие вести за помилување на изборни измами?
Реакции и осуди имаше и од експертската јавност кои ја осудија ваквата одлука како неуставна и сметаат дека во сила треба да останат сегашните одредби од законот.
Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, за НОВА вели дека одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на измените во Законот за помилување е срамна, штетна и скандалозна, но во следната фаза на конечно одлучување, судиите имаат шанса да ја преиначат.
Според него, тоа што иницијативата доаѓа во време кога во земјава се отвора предметот „Титаник“, во кој функционери од власта се сомничат за изборен криминал е грда слика на реалноста, и порача дека тие што очекуваат со оваа одлука криминалците да избегнат од одговорноста се лажат.
И универзитетскиот професор по уставно право, Осман Кадриу изрази сериозен сомнеж дека иницијативата е директно поврзана со актуелните обвинувања на Специјалното обвинителство за изборна криминализација.
„Треба уште повеќе да се заоструваат и зајакнуваат критериумите на кривично-правна одговорност за такви сериозни кривични дела, а не тие да се помилуваат. Токму индикациите за изборни манипулации беа дел од причините што доведоа до сериозна политичка и правна криза“, вели професорот Кадриу.
„Хелсиншки комитет“ за човекови права вели дека Уставниот суд веќе неколку години не може да одговори на задачите за одбрана на највискиот правен акт. По промената на составот, велат од Хелсиншкиот, петте новоназначени судии имаат компромитирачки врски со власта, и најчесто се носат и такви одлуки.
Од друга страна пак, владејачката ВМРО-ДПМНЕ вели дека не стои зад одлуката на Уставниот суд и побара секој што сторил каков било криминал да одговара.
„ Секој што сторил каков било криминал, треба да одговара. Таков беше ставот и кога обвинетиот криминалец Зоран Заев беше аболициран од страна на Бранко Црвенковски. Затоа ВМРО ДПМНЕ отворено се сомнева дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука”- стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ” – стои во соопштението на владјачката партија.
Ова следуваше по обвинувањата на портпаролот на опозицијата, Петре Шилегов, кој судиите кои гласаа „за“ претседателот да може да помилува осуденици за изборен криминал, тој ги нарече послушници на владејачката партија.
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, досега не коментирал ниту иницијативи, ниту одлуки на Уставниот суд.
Постапката на Уставниот суд предизвика реакции во јавноста, но и протести пред зградата на Судот. Но, тоа не го поколеба младиот адвокат Китески кој за медиумите изјави дека иницијативата е лично негова и дека стои зад неа бидејќи смета дека е неуставно претседателот на државата да не може да помилува осудени лица за изборни измами и нерегуларности.
Останува на Уставниот суд да одлучи за уставноста на иницијативата.
