ТИЕ СЕ СИМБОЛОТ НА ВЕЛИГДЕН: Колку јајца годишно се произведуваат во Македонија?
Црвеното јајце е симболот на големиот христијански празник Велигден, а статистиката покажува дека лани во Македонија се произведени 188.455 јајца. Најголем дел од јајцата се од Полог.

Овој регион е лидер во производството на јајца. Статистиката покажува дека во минатото се случувало на годишно ниво да бидат произведени и над 200.000 јајца.
Ако гледаме по региони, во 2025 година, во Вардарскиот регион се произведени 5.731 јајце, во Источниот регион 17.361 јајце, во Југозападниот 4.479, во Југоисточниот регион 12.719, во Пелагонискиот регион 52.035, во Полошкиот 66.422 јајца, во Североисточниот 16.629 јајца, а во Скопскиот 13.080 јајца.
Во 2024 година, бројот на произведени јајца во земјава изнесувал 151.087 јајца. Во 2023 година, бројот на произведени јајца е 185 645. Во 2022 година, во Македонија се произведени 148.395 јајца, а во 2021 година се произведени 130.914 јајца. Во 2020 година, 183.152 јајца се произведени во државава.
Според базата Макстат на Државниот завод за статистика(ДЗС), во 2019 година производството на јајца во Македонија изнесувало 141.284 парчиња. Во 2018 година, количината е поголема, односно произведени се 181.783 јајца.
Во 2017 година, имало поголемо производство на јајца, односно 224.596 парчиња. Во 2016 година, се произведени 177.521 јајца. Инаку, годишно еден македонски граѓанин во просек јаде по 200 јајца, според податоците од 2024 година, додека просекот по домаќинство е 609 јајца.
На Велики Четврток, домаќинките веќе ги вапцаа првите јајца за празникот. Најпрво се вапцаат три јајца во црвена боја, а потоа следуваат и останатите. Првото јајце му се посветува на Господ, второто на домаќинот, а третото за бериќетот и стоката. Посебна моќ има првото јајце, кое се чува до следниот Велигден и се смета дека има заштитна и лековита моќ.
„Ние имавме обичај, ќе направевме 60 или 90 јајца, плус правевме слатки, и ги носевме во дом за стари лица. Јас лично оваа година вапцав 30 јајца. Тоа ми е традиција. Суштината на овие празнични денови е да се покаже хуманост“, вели Ружица Стојмировиќ, претседателка на Здружението Христијанка.
Статистички гледано, оние домаќинства кои не се занимаваат со земјоделство консумираат повеќе јајца. Низ бројки, земјоделските домаќинства годишно во просек јадат по 517 јајца, а неземјоделските по 615 јајца.
Сања Атанасовска