THE NEW YORK TIMES ЗА „МАЛИОТ ПУТИН ОД СРБИЈА“: Дали Русија ја користи Србија за да предизвика конфликт?
Западните
дипломати се прашуваат дали Русија ја користи Србија за да создаде раздор во
Европа и да создаде нови конфликти меѓу земјите од поранешна Југославија за да
го оттргне вниманието на НАТО пактот од војната во Украина, додека српскиот
претседател Александар Вучиќ ја отфрла етикетата дека тој е малиот Путин со
агресивни намери кон соседите, пишува американскиот весник Њујорк Тајмс.
Весникот пишува дека стравувањата од руското влијание врз Србија се засилени со минатонеделните тензии околу прашањето за регистарските таблички на Косово, што доведе до демонстрации, барикади и пукотници.
Руските медиуми со месеци објавуваат запаливи извештаи за репресијата на Србите на Косово и во Босна и Херцеговина, наведува NYT и оценува дека тие претставуваат повторување на руската пропаганда за страдањата на етничките Руси кои живеат во Украина, што ги охрабрило тврдокорните, проруски српски националисти.
„Русија пресметува дека колку повеќе време Западот троши на потење на Балканот, толку помалку ќе може да поминува во потењето во дворот на Русија“, изјави за американскиот весник Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.
„Малиот Путин од Србија“
Одбивањето на Србија да воведе санкции кон Русија, пишува NYT, предизвика критики од оние кои веруваат дека Вучиќ работи во корист на Кремљ.
Во април, премиерот на Косово, Албин Курти, го нарече Вучиќ „мал Путин од Србија“, додавајќи дека Србија „останала единствената земја во Европа која одбила да воведе санкции кон Русија“.
Вучиќ ги отфрли овие обвинувања, потсетува њујоршкиот весник.
Тој рече дека „Курти сака да биде малку Зеленски во борба против малиот Путин“ и затоа го прикажува како „ужасен националист кој сака да војува со сите“, што „воопшто не е точно“.
Весникот потсетува и на неодамнешната изјава на претставникот на Српската напредна странка во парламентот, Владимир Ѓукановиќ, за „денацификација“ на Балканот и ја споредува со целите на Русија во Украина и идејата за „Голема Србија“ од 90-тите години на 20 век, кои Вучиќ ги нарече „неодговорни“.
ФОТО: EPA