Тевдовски: Нови закони за хартии од вредност за повеќе инструменти и поголема стабилност на пазарот на капитал
Министерот за финансии Драган Тевдовски најави нова законска регулатива идната година за пазарот на хартии од вредност, која ќе создаде услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот.
-Во агендата на Министерството за финансии за идната година е една од најголемите реформи во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони - Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со новите закони ќе се воспостави јасна и сеопфатна рамка на македонскиот пазар на капитал, што пак ќе придонесе за неговиот развој и усогласеност со законодавството на ЕУ во оваа област. Со донесувањето на новата законска регулатива ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот. На тој начин ќе се обезбеди една модерна и софистицирана законска регулатива, која во целост ќе биде усогласена со европската регулатива, а во исто време ќе го има во предвид и сегашното ниво на развиеност на домашниот пазар, не предизвикувајќи на тој начин дополнителни дисторзии на пазарот и следејќи ги во целост неговите специфики - истакна министерот за финансии Тевдовски.
Денеска за првпат се одржа седница на Советот за развој на македонскиот пазар на капитал кој е формиран за системско решавање на предизвиците и креирање на една сеопфатна стратегија за идно позиционирање и развој на македонскиот пазар на капитал.
-Ако пазарот на капитал е добро организиран, тоа позитивно ќе влијае на одлуките на потенцијалните домашни и странски инвеститори да вложуваат во домашната економија, а добро организиран пазар е добро регулиран пазар- вели Тевдовски.
Советот за развој на пазарот на капитал, со која претседаваше министерот за финансии Драган Тевдовски, а чии членови се и гуверенерот на Народната банка на РМ Димитар Богов, министерката труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на Македонска берза, Комисија за хартии од вредност, Централен депозитар и Агенцијата за супервизија на осигурувањe (АСО), претседателот на Советот на експерти на АСО, претседателите на групациите за банкарство и хартии од вредност при СКМ и директорите на приватните пензиски фондови. Советот за пазар за капитал ќе се состанува најмалку еднаш во три месеци, по потреба и почесто, а врз основа на заклучоците ќе се подготвуваат инрформации и предлог измени на закони кои ќе се доставуваат до Економско социјалниот совет и Владата на РМ.
