Тевдовски не открива детали: Државата уште преговара колку ќе плаќа за нафтените резерви
Министерството за финансии работи на Правилник за уредување на надоместокот кој државата треба да им го плаќа на нафтените копании кои ги чуваат државните резерви на нафта, рече министерот Драган Тевдовски, но не прецизираше кога работата ќе биде завршена. Не сакаше да навлегува во тоа колкав ќе биде надоместокот.
„Министерството за финансии работи за решавање на овој проблем. Наша интенција е да биде завршен што побрзо. Но ние мора да ги штитиме интересите на граѓаните, рече Тевдовски.
Фактор веќе пишуваше дека претставници од работната група во Министерството за финансии преговараат со Лукоил, Макпетрол и Окта во однос на цената на надоместокот. Дирекцијата за нафтени резерви во годишниот план предложи нова уредба со која на нафтените компании треба да им се плаќа по едно евро од метар кубен за „државниот“ дизел што ќе го чуваат и складираат.
Дирекцијата признава дека во сите земји од Европската унија се плаќа за оваа услуга. Од таму велат дека плаќањето за чување би делувало стимулативно за изградба на нови складишта и трајно решавање на овој проблем. Од Дирекцијата тврдат дека според своите можности може да исплаќаат само едно евро од метар кубен
Инаку, граѓаните со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 0,3 до 0,89 денари за нафтените резерви, па по оваа основа државата годишно собира околу осум милиони евра, но фирмите што ги чуваат резервите, со години не добиваат никаков надоместок. Актуелниот начин на добивање „компензација“ е застарен и потекнува од времето на СФРЈ со кој компаниите може да го користат горивото од резервите, но потоа да го вратат, што во суштина значи никаква добивка за тоа. Проценките говорат дека приватните компании годишно трошат по 3 до 4 милиони евра за чување на државните резерви на нафта во своите резервоари.
Самата Дирекција тоа го признава дека овој начин на обврските повеќе не кореспондира со реалната ситуација и бара „итно решавање на ова горливо прашање“. На овој начин не може да се најдат нови капацитети за чување на нафтата, а компаниите секодневно приговарале дека нивните трошоци за чување и складирање постојано растат.