ТЕТОВЦИ СО УЛТИМАТУМ: Или чист воздух или ќе ги блокираме институциите
Неколку илјади граѓани на Тетово денеска повторно се собраа на протест против енормното загадување на воздухот.
Тие поставија три барања , кои како ултиматум ги упатија до општинските и централните власти.
Тетовци бараат веднаш да запре производството во „Југохром“ се додека не се постават филтри за прочистување, депонијата да се дислоцира под итно и да се воведе режим во сообраќајот.
Незадоволни граѓаните бараат овие мерки да се преземат до 25 декември, а во спротивно најавија радикализација на протестите.
„До тогаш е нашата толеранција, потоа ќе преземеме поригорозни мерки. Овој ултиматум, властите нека го сфатат сериозно, а во спротивно ќе ги блокираме влезовите на институциите и патните правци што водат до „Југохром““, рече Аријанит Џафери од граѓанското еколошко движење „Еко Герила“.
И на денешниот протест против загадениот воздух имаше неколку илјади тетовци кои протестираа на плоштадот „Илирија".
Под мотото „Доста беше, одете во 997 ПМ!“, „Нема правда нема мир“ , и „Сакаме воздух, не не трујте“ граѓаните бараат од надлежните институции конктретни и долготрајни мерки за намалување на штетните ПМ 10 честички и решавање на катастрофалната еколошка состојба. Инаку, во последниот извештај на „Нумбео”, Тетово беше рангиран за најзагаден град во светот.