Тетекс со уште еден прв квартал кој оди во „минус“
Тетекс АД Тетово се чини дека не може да оствари позитивен прв квартал од годината кој е проблематичен за доста фирми кои се занимаваат со трговија поради општата помала побарувачка. Тетекс 2016-та севкупно ја заврши со добивка од дури 62.421 илјади денари благодарение на зголемената продажба, но и на вложувањата во други бизниси како ТТК Банка.
Според последниот финансиски консолидиран извештај објавен на Македонска берза Тетекс АД Тетово се враќа на негативните стапки кои се речиси идентични како и во првиот квартал од 2016-та и нема напредок во продажбата, туку напротив таа дури е и намалена и сега изнесува речиси 60 милиони денари или за 18 милиони денари помалку од лани.
Додека извозот на Тетекс не претрпел големи измени најголем пад има на продажбата на домашниот пазар која во првите три месеци од годинава изнесува нешто над 43 милиони денари. Тетекс и натаму има огромна залиха на производи кои се веќе произведени или во фаза на производство од 367.564 илјади денари што дава сигнали дека продажбата е далеку под потребното ниво или пак се чекаат поповолни цени.
Расходната страна во извештајот на Тетекс е секако намалена, но не поради некакви заштеди, туку поради помали вложувања и оперативни активности. Така набавката на материјали и сурови изнесува само 25,7 милиони денари, набавката на стоки чини 5,8 милиони, трошоците за вработените се чечиси идентични со 22,9 милиони денари.
Вкупно оперативните расходи на Тетекс изнесуваат 63,4 милиони денари.
Од финансиските активности на Тетекс АД Тетово се гледа дека има голем пад и на приходите од вложувања, заеми, камати и курсни разлики кои изнесуваат околу 334.000 денари што е доста помалку од истиот период лани кога приносот по истата ставка изнесувал 2.078.000 денари.
Крајниот резултат за Тетекс АД Тетово покажува загуба од 11,2 милиони денари што е речиси идентично како и во првиот квартал од претходната година. Тетекс навистина имаше одлична 2016-та со поделена „мрсна“ дивиденда, нивната акција и натаму има солиден дивиденден принос, па ќе видиме во наредниот период како ќе се одвива нивната активност.
Автор: Христијан Станоевиќ
