„Тетекс“ како трезор: Финансиските приходи 3 милиони евра, поголеми дури и од целиот приход од продажбата!
Финансиските приходи од јули до септември пораснале за 102 милиони денари, а вкупно од вложувања, заеми и камати текстилниот комбинат во првите деве месеци приходувал 184,9 милиони денари, дури 18,8 милиони денари повеќе од целиот приход од продажба
Најстариот и најреномиран текстилен комбинат „Тетекс“ за првите девет месеци годинава има приходи од вложувања, камати и заеми во износ од 3 милиони евра (184,9 милиони денари). Ова е најфасцинантната ставка во извештајот на текстилниот гигант чии приходи од основната дејност се пониски од неговите финансиски приходи остварени од камати, вложувања, заеми и курсни разлики.
Импресивно е тоа што во периодот јануари – јуни годинава оваа компанија од финансиски приходи остварила дури 102,85 милиони денари (1,67 милиони евра) повеќе од тоа што го остварила до крајот на јуни годинава. Од друга страна, повторно фасцинантен е растот, на финансиските приходи на „Тетекс“ и во споредба со првите девет месеци лани.
Годинава од јануари до септември приходот е двојно повисок од остварениот во истиот период лани. Лани бил 95 милиони денари односно над 1,5 милиони евра, а годинава е 3 милиони евра. Во образложението кон финансискиот извештај на „Тетекс“ објавено на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност нема ниту збор за објаснување на силниот раст на приходот во ставката „камати, вложувања, заеми и курсни разлики“.
Во овој период, од почетокот на годинава до крај на септември, финансиските расходи на „Тетекс“ се само 2,2 милиони денари, а тоа е само 1,2 отсто од финансиските приходи. Можеби токму овие податоци и очекувања во изминатиот период биле причината за континуираниот раст на цената на акцијата на „Тетекс“. Имено цената на таа акција во период од една година порасна за 50 отсто до ценовно ниво од 677 денари за акција и тоа во периодот од 22 до 29 октомври годинава.
Податоците од билансот на успех покажуваат дека компанијата во првите девет месеци годинава бележи пад на приходите од продажба во споредба со ланските резултати. Имено реализацијата од извоз и од домашниот пазар изнесува вкупно 166,1 милиони денари и во споредба со лани бележи пад од 24,3 милиони денари односно 13 отсто. Залихите на компанијата се на ниво од 282,1 милиони денари, а оперативните расходи од почетокот на годинава во крај на септември изнесуваат 368,7 милиони денари што е речиси на исто ниво како и оперативните трошоци што „Тетекс“ ги имал лани.
Во првите девет месеци „Тетекс“ и покрај негативните резултати од основната дејност успеал да прокнижи позитивен финансиски резултат и тоа книговодствено благодарејќи на извонредните резултати од финансиски приходи. Нето добивката на компанијата за периодот јануари-септември изнесува 17,4 милиони денари, а во споредба со лани е пониска за 6,3 милиони денари. Од друга страна во периодот јуни-септември износот на нето добивка во споредба со износот за првите шест месеци е понизок за 600.000 денари, што значи дека кварталот компанијата не го завршила со добивка.
Р.Ф.
Слично
