ТЕШКО СО ХАН, ПОТЕШКО БЕЗ НЕГО: Дали Груевски ќе биде изолиран однадвор и политички осамен одвнатре?
Во овој контекст, искуството за релациите на ВМРО-ДПМНЕ, кога е на власт, со меѓународната заедница, покажува дека тие почнуваат славно, а завршуваат неславно. На почетокот на мандатот Љупчо Георгиевски беше кооперативен и бележеше добри резултати. Постои и уште една чудна коинциденција во владеењето на двајцата вмровски премиери – бегалските кризи.
Горазд Чомовски
Времето притиска во однос на претстојниот извештај на ЕК кој може негативно да се одрази врз европската перспектива на Македонија. Два пати е одлагано неговото објавување во октомври, со неизвесност како ќе се стокми до крајот на месецов?
Токму поради тоа потребно е водство, одговорност и подготвеност за компромис од страна на политичките субјекти . Сега партиите итно треба да се договорат околу реорганизацијата на Владата како што е предвидено со Договорот од Пржино. Но со неисполнување на обврските и пробивање на роковите земјата си ја ризикува иднината, предупредуваат за Фактор од кабинетот на Комесарот за проширување и добрососедска политика на ЕУ .
„Јоханес Хан е навистина разочаран од недостигот од консензус во оваа фаза и покрај вложените напори од Европската комисија и делегацијата на ЕУ во Скопје . Постоеше интензивна техничка работа и совети од ЕУ кои беа достапни во изминатите неколку недели. За жал, во овој момент е очигледна недоволната политичка волја кај лидерите за да се изоди последната милја“, вели Маја Коцијанчиќ портпарол на Еврокомесарот за проширување за Фактор .
Преговорите на партиската четворка тешко одеа со еврокомесарот Јоханес Хан, а најверојатно уште потешко ќе продолжат без него особено што и Вашингтон го губи трепението поради неодговорност на лидерите .
Политикологот Башким Бакиу, за Фактор вели дека македонските партии се однесуваат крајно неодговорно, ставајќи ги во преден план партиските интереси за сметка на државните. Според него, уште полошо е што целата моќ е вонинституционална , односно кај политичките партии и затоа постои опасност Македонија да биде во перманентна криза .
„Меѓународната заедница ќе ги користи сите инструменти што и се на располагање, вклучувајки ја и опцијата да и го одземе кандидатскиот статус на Македонија. Во моментов државата нема стабилни институции. Со ваков систем и со ваква поделена моќ само кон одредени политички партии ќе имаме постојана криза. Ова може да се реши само под притисок на граѓаните, а не на странците“ , проценува Башким Бакиу од Институтот за креирање на политики и добро владеење .
Меѓународните партнери и спонзори на дијалогот за надминување на политичката криза во земјавата ќе комбинираат сет од нов диплoматски притисок, пред се кон владината коалиција. Изјавата на Ахмети дадена во Тирана дека ДУИ и самиот лидер на интегративиците испратил во политичка пензија тројца , сдсмовските премиери, по што на ред е Груевски, е директна порака за конечно дистанцирање од ВМРО-ДПМНЕ. Не се исклучени и ефикaсни финансиски притисоци во два правци – затворање на странските финансиски пазари и замрзнување на кредитните линии од комерцијалните банки, што Владата главно ги користеше за пополнување на буџетскиот дефицит.
„Како што можеше да се очекува, спроведувањето на договорот од Пржино „запна“ кога се дојде до деталите. Имено, самиот договор е премногу општ и она што е објавено дава широки можности за различни интерпреации, а тоа пак на партиите им дава маневарски простор за форсирање на своите интереси и/или блокирање на одредени решенија кои бројот на обвинители во тимот на Јанева) Сепак, мислам дека наскоро ќе се постигне согласност за поединечните спорни прашања и ќе се „откочи“ процесот, односно со мали или нешто поголеми доцнења сите предвидени работи со договорот ќе се спроведат, а не очекувам ни поместување на терминот за избори“ , оценува Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Едно од клучните прашања сега е : дали премиерот и лидер на владејачката партија Никола Груевски ќе издржи на кооперативноста во односот со меѓународниот фактор, манифестиран во последно време ?
Во овој контекст, искуството за релациите на ВМРО-ДПМНЕ, кога е на власт, со меѓународната заедница, покажува дека тие почнуваат славно, а завршуваат неславно. На почетокот на мандатот Љупчо Георгиевски беше кооперативен и бележеше добри резултати. Постои и уште една чудна коинциденција во владеењето на двајцата вмровски премиери – бегалските кризи.
Косовскиот бран од 3оо илјади албанци во 1999 година и менаџирањето за оваа регионална криза привремено го амнестира Георгиевски од сомнителната тајландската милијарда и признавањето на оваа далекуисточна држава. Во моментов, можеби притаено, Груевски игра на сирискиот мигрантски бран кон Европа, со задржување на еден дел во бегалски кампови на македонските граници кон Грција и Србија. Но и во двата случаи конечната политичка судбина на премиерите од ВМРО-ДПМНЕ ја одредува дијагностицирањето на растечката корупција. Суштинската разлика меѓу нив се однесува кон слободата на медиумите. Георгиевски сепак не ги демонизираше новинарите и неистомислениците.
Слично
