Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТЕШКО ДЕКА ЌЕ СЕ СПАСИМЕ ОД ВИСОКИТЕ ЦЕНИ: економистите се пишманија – инфлацијата не се „скротува“

ТЕШКО ДЕКА ЌЕ СЕ СПАСИМЕ ОД ВИСОКИТЕ ЦЕНИ: економистите се пишманија – инфлацијата не се „скротува“

Најновата анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП во периодот 2026–2028 година, спроведена во јуни, покажува дека економските аналитичари очекуваат побавно намалување на просечната инфлација на среден рок и минимални промени во очекувањата за економскиот раст. Голем фактор за овие прогнози останува неизвесноста поврзана со воениот конфликт на Блискиот Исток, особено неговото понатамошно времетраење и можноста за разрешување, што директно влијае врз цените на енергенсите и транспортот, а со тоа и врз цените на производите и услугите во земјата.

Ова се посочува во објавата на Народната банка на Македонија, каде е посочено дека економските аналитичари очекуваат дека инфлацијата во 2026 година ќе се задржи на 4,2 отсто што е повисоко од претходната анкета кога достигнвуало 3,6 проценти.

Очекувањата се дека во 2027 година таа да изнесува 3,4% и во 2028 година 2,9%, што покажува побавно намалување од претходните прогнози.

Испитаниците посебно укажуваат на ризиците од зголемување на енергетските и транспортните трошоци, продолжените воени конфликти и трговските ограничувања како фактори кои можат да предизвикаат дополнителни нагорни притисоци.

-  Како фактори што би можеле да предизвикаат дополнителни нагорни притисоци врз инфлацијата и натаму се истакнуваат продолженото времетраење и неизвесноста околу војната во Украина, како и неизвесноста поврзана со трговските политики. Овие фактори може да доведат до натамошно зголемување на трговските препреки и нарушувања во синџирите на снабдување– се посочува во Анкетата објавена на веб стрната на НБРСМ.

Притоа се укажува дека домашни фактори кои може да ја поттикнат инфлацијата се потенцијалните зголемувања на платите и пензиите над законското усогласување, како и растот на трговските маржи и цените на дел од услугите.

Од друга страна, стабилизацијата на цените на храната и енергијата и мерките на НБРСМ, вклучително и последното зголемување на каматната стапка, се очекува да придонесат за намалување на инфлациските притисоци.

Во однос на економската активност, очекувањата се дека растот на БДП за 2026 година ќе изнесува 3,2%, додека за 2027 и 2028 година се предвидува раст од 3,5% и 3,7% соодветно. Испитаниците посочуваат дека растот ќе произлезе главно од домашната побарувачка, при што јавните инвестиции, странските и домашните приватни инвестиции, особено во обновливи извори на енергија и извозниот сектор, се клучни за одржување на економскиот раст на среден рок.

Според аналитичарите, комбинираното забавување на инфлацијата со растот на платите и пензиите ќе ја зголеми куповната моќ на населението, што заедно со кредитната активност ќе го поддржи растот на личната потрошувачка и економската активност. Сепак, неизвесноста на Блискиот Исток, протекционистичките политики, климатските промени и структурните проблеми на пазарот на трудот и емиграцијата остануваат фактори кои можат да ја ограничат економската експанзија во следниот период.

Анкетата исто така го прикажува распределбата на веројатноста за остварување на различни стапки на инфлација и БДП, покажувајќи поголема концентрација на очекуваните вредности и поместувања кон повисоки или пониски интервали, што ги отсликува ризиците и очекувањата на економските аналитичари за среднорочниот период.

П.О.

Слично

Поврзани вести