Тешка туристичка сезона во Црна Гора
Претседателот на Црногорското туристичко здружение Жарко Радуловиќ процени дека оваа туристичка сезона е една од најтешките во Црна Гора и дека веројатно ќе биде како минатогодишната или „малку полоша“.
За последните 24 години не пропадна ниту една сезона, па нема ни оваа, рекол Радуловиќ, како што пренесува „Блиц Црна Гора“.
Според неговите зборови август ќе биде на минатогодишното ниво, но се очекува септември и октомври да бидат многу добри и да го поправат вкупниот впечаток.
„Падот е насекаде. Хрватските хотелиери и туроператори веќе бараат помош од Владата. Ја имаме состојбата со Русија и Украина, се одигра Светското првенство во фудбал, поплави во регионот, глобална криза и временски неприлики. Имавме дождови два пати, еднаш 20 а вториот пат траеа 25 дена. Кога сето тоа се сумира, може да се каже дека оваа туристичка сезона е една од потешките“, изјавил Радуловиќ.
Претседателот на Одборот за туризам во комитетот на Стопанската комора Драган Пурко Ивановиќ, смета, во изјава за „Блиц“, дека проблемот на рускиот пазар ќе продолжи и идната година, но дека не смее да се дозволи еден пазар да биде доминантен на преку 50 одсто.
Туристичката сезона е во одминување, на неа ништо не може повеќе да влијае, кажал Пурко Иванчевиќ додавајќи дека во наредните 15 до 20 дена ги решава наредната сезона, како и државата и туристичките фирми би требало да направат се како би се обезбедила шестомесечна сезона во 2015.
„Ако сезоната се продолжи до октомври, ситуацијата ќе биде нешто подобра. Треба да се размислува во насочување на понудите на други, западноевропски пазари и авио-конекција со нив“ нагласува тој.
Исто така, тој истакнува дека треба да се прилагодат цените на конкурентноста и побарувањата на тој пазар. „Сето тоа мора да биде направено во наредните 15 дена, инаку ќе ја изгубиме и наредната година и можеме да збориме за подобра 2016 година“, додавајќи дека конекцијата со западните пазари може да се обезбеди единстевно преку националните авиокомпании, бидејќи туроператорите не се подготвени да ризикуваат воспоставувајќи чартер летови со Црна Гора со оглед на малиот број капацитети на таа дестинација.
