ТЕШКА И НЕИЗВЕСНА ГОДИНА: Како политичката криза ќе влијае врз економијата?
Како политичката криза ќе се одрази врз економијата? Дали изборите ќе значат крај ил нов почеток на уште една полтичка криза. Експертите се едногласни дека за економијата следуваат тешки и неизвесни денови, а од политичкиот расплет во однос на најавените избори ќе зависи дали и на долг рок ќе имаме тешки последици.
Бранимир Јовановиќ: Поважни се услови за суштински економски промени, во насока на корекција на постојниот економски модел, отколку да се дојде до брза разрешница на кризата.
Продлабочувањето на политичката криза и пролонгирањето на нејзината разрешницата неминовно ќе имаат негативни ефекти врз економијата на краток рок. Заради тоа што се зголемува неизвесноста, економските агенти ќе се воздржуваат, и од потрошувачка, и од инвестиции. Оттука, за очекување е да забават и личната потрошувачка, и домашните приватни инвестиции и странските инвестиции, а со тоа и економскиот раст и вработеноста. Во колкава мера, тешко е да се процени, пред се заради неизвесноста околу сериозноста на ситуацијата.
Но, многу е поважно какви ќе бидат ефектите врз економијата на подолг рок. Овие ефекти пак ќе зависат од две работи – дали ќе продолжи политичката криза и дали ќе има промени во економските политики и институции. И кризата, и одложувањето на промените влијаат негативно врз сите економски параметри. Сепак, поважно е да се створат услови за суштински економски промени, во насока на корекција на постојниот економски модел, отколку да се дојде до брза разрешница на кризата.
Како најавените априлски избори ќе влијаат на економијата, зависи од тоа какви ќе бидат тие избори. Сценариото кое се чини најверојатно во моментов е дека опозицијата ќе ги бојкотира изборите (една од опозициските партии, Левица, веќе излезе со таков став). Во таков случај, ефектите ќе бидат значајно негативни, зашто ем ќе продолжи политичката криза, ем нема да има промени во постојните економски политики и институции, кои со години продуцираат низок и неинклузивен економски раст. Затоа е исклучително важно да се спроведат фер избори, на кои ќе учествува и опозицијата. Само така може да се стави крај на кризата, и само така можат да се создадат услови за спроведување на суштинските промени кои се неопходни.
Благица Петрески: Негативните последици ќе се одразат главно врз воздржаноста на домашните компании за инвестиции, но исто така и врз странските инвеститори
Со оглед дека во изминатите години одржувањето на избори е почесто од вообичаеното, домашните бизнисмени имаат искуство и се навикнати да функционираат во изборни години. Сепак моменталната политичка криза ја зголемува неизвесноста, што е и главниот ризик за економијата во претстојната година. Оваа неизвесност трае веќе подолг период и секое пролонгирање ќе ги продлабочува негативните последици.
Негативните последици ќе се одразат главно врз воздржаноста на домашните компании за инвестиции, но исто така и врз странските инвеститори. Но, приливите на странските директни инвестиции, не зависат само од политичката состојба, зависат и од реалните реформи кои ќе се реализираат за да се подобри бизнис климата и економските услови во земјата и да се зголеми довербата во институциите.
Оттука, покрај негативните ефекти врз краткорочните одлуки за инвестиции, политичката криза претставува закана и за спроведување на структурните реформи, консолидација на јавните финансии, реструктурирање на пазарот на труд, подобрување на ликвидноста на домашните компании и слично. За да се осигураат структурните реформи за подобрување на економските услови и бизнис климата на среден рок, потребни се фер и демократски избори, а потоа процес низ кој ќе се врати довербата во институциите и системот.
Друг аспект е како ќе се трошат јавните пари во година на избори. Вообичаено е во изборни години, најголем дел од буџетот да се искористи за тековни трошоци и ребалансите да се прават на штета на капиталните инвестиции. Економскиот раст во последните квартали, но и проекциите за годинава се темелат на капиталните инвестиции. Така што, значајно е буџетираните капитални инвестиции за годината да се реализираат во предвидената големина, за да се неутрализираат потенцијални негативни последици од политичката криза.
Сами Беслими: Перманентното задолжување е најдобар индикатор кој укажува дека, досегашното задолжување нема скоро никакви повратни ефекти врз домашната економија
Политичката криза во земјата има големо влијание врз економските текови. Негативните импликации се во пропорционален однос со карактерот и должината на политичката криза.Со оглед на сложеноста и долготрајноста на политичката криза кај нас, негативните импликации се мултиплицираат. Негативното влијание на политичката криза доаѓа до израз во неколку сегменти.
Прво, преку намалување на инвестициите, посебно на странските инвестиции. Второ, ќе има влијание врз намалување на побарувачката, посебно на надворешната побарувачка, што влијае врз вкупната агрегатна побарувачка и трето влијае врз намалување на домашната понуда, која се рефлектира врз стапката на раст на домашната економија.
Таквата нерамнотежа кај нас се покрива преку зголемување на јавната потрошувачка, која се финансира преку дополнителното задолжување, со што се обезбедува состојба на макроекономска стабилност. Но, тоа ќе доведе до перманентно зголемување на задолженоста, со што се ризикува да се најдеме во состојба на инсолвенстност. Перманентното задолжување е најдобар индикатор кој укажува дека, досегашното задолжување нема скоро никакви повратни ефекти врз домашната економија (маргиналниот доход е недоволен да ги покрие маргиналните трошоци од задолжувањето).
Само со инвестиции во функција на зголемување на производниот капацитет на домашната економија, може да се обебеди, повисока стапка на економски раст, зголемување на вработеноста, и состојба на макроекономска стабилност, а тоа очиглено го пропуштивме да го направиме.
Марјан Петрески, универзитетски професор: Постојат одредени шанси да се решат спорните прашања до 24 април, и со тоа политичката криза навистина да заврши и со тоа да го ослободи потенцијалот на еконијата што го држи во заложништво
Економијата е заложник на политичките случувања веќе цела година. Се проценува дека поради политичката криза, растот лани беше помал за околу 1 процентен поен. Ваквите тенденции очекувам да продолжат најмалку до изборите.
Дали политиката и понатаму ќе ја кочи економијата, зависи од тоа дали ќе имаме фер и демократски избори кои ќе бидат прифатени од сите засегнати страни. По мое мислење, добро е што изборите ќе се одржат на првично предвидениот датум, бидејќи во спротивно може да се одолговлекуваат во недоглед и тоа секако негативно да влијае врз економијата во недоглед.
Вака, барем, постојат одредени шанси да се решат спорните прашања до 24 април, и со тоа политичката криза навистина да заврши и со тоа да го ослободи потенцијалот на еконијата што го држи во заложништво.
Борче Треноски,универзитетски професор: Целата економска активност замира. А тука мислам на барањето на кредити, кредитната активност на банките, начинот на однесување на банките кон комерцијалните клиенти, однесувањето на фирмите
Каналите за трансмисија на политичката криза , политичкиот ризик врз економијата, делува преку повеќе канали. Еден од каналите е воздржаноста од инвестиции, домашни и странски.
Целата економска активност замира. А тука мислам на барањето на кредити, кредитната активност на банките, начинот на однесување на банките кон комерцијалните клиенти, однесувањето на фирмите, но и однесувањето на граѓаните во овој период.
Ако за глобалната економска криза беа потребни големи инјекции за да се врати ентузијазмот и оптимизмот и за тоа требаше долг пеирод, замислите ова се случува во една мала држава како нашата, истото ќе се случи и кај нас додека да го оживееме ентузијазмот и да се стабилизира целата состојба. Ќе треба да помине некој период за да може повторно да ја заживееме економската активност. Сега сме статус кво и уште не чувствуваме, но по извесен период последиците од овие случувања ќе се почуствуваат.
Р.Ф.
Слично
