Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тешка година за охридските хотели – „Метропол“ ги објави финансиските резултати

Тешка година за охридските хотели – „Метропол“ ги објави финансиските резултати
Намален обем на ноќевања во периодот јануари-декември 2013 година за 9, 42% во однос на истиот период од претходната 2012 година забележа компанијата Хотели „Метропол“ АД Охрид. Во цела 2013 година биле остварени 71349 ноќевања, во услови на економска и финансиска криза како на меѓународниот, така и на домашниот туристички пазар. Од компанијата информираат дека поместувањата на приоритетните пазари за меѓународните туристички субјекти, патната инфраструктура, но и неповолните климатски услови особено во периодот на висока сезона, резултирале со тешка година за хотелите на охридското крајбрежје. Во такви услови, нето добивката на компанијата паднала за 2%, од 32.967.000 денари во 2012 на 32.440.000 денари во 2013 година, покажа неревидираниот финансиски извештај што компанијата го достави до Македонска берза. Остварениот вкупен приход од 152.848.000 денари е за 9,4% помал во однос на истиот период од 2012 година, додека вкупните расходи изнесувале 120.057.000 денари и се помали за 11,4%. „Остварениот финансиски резултат е позитивен со оглед на периодот на кој се однесува, како и со оглед на условите и трендовите присутни на туристичкиот пазар во земјава“, велат од Хотели „Метропол“ АД Охрид. Хотели „Метропол“ АД Охрид е компанија која се занимава со туризам и угостителство. Располага со три хотели со класа 4 ѕвезди сместени на крајбрежјето на Охридското Езеро: Хотел Метропол, Хотел Турист и Хотел Белви. Хотелите се опремени со конференциски сали, ресторан и бар, спортско рекреативни центри, и спа центри. Главен акционер на Хотелите Метропол е компанијата Фершпед АД Скопје.
Слично

Поврзани вести