Термоцентралите лани во просек трошеле 3,5 тони мазут на час
Македонските термоцентрали лани потрошиле 30.835 тони мазут што е 33 отсто повеќе од 2012 година
Македонските термоелектрани во ТЕЦ Осломеј и во РЕК Битола трошеле просечно дневно по 84,5 тони мазут во 2013 година. Во споредба со 2012 година потрошувачката на мазут во македонските термоелектрични централи е зголемена за 33 отсто, покажуваат податоци што ги објави Државниот завод за статистика.
Статистиката покажува дека во 2013 година македонските државни термоелектрични централи потрошиле вкупно 30.835 тони мазут што значи дека просечно на час нашите термокапацитети за производство на струја трошеле 3,5 тони мазут. Наспроти минатата година во 2012 година вкупниот конзум на мазут во овие постројки е 23.147 тони и тоа е просечно дневна потрошувачка од 63,4 тони или на час просечна потрошувачка од 2,64 тони мазут. Податоците на статистичарите покажуваат дека потрошувачката на мазут во нашите термоцентрални пораснала за 7.688 тони односно за 33 отсто кога ќе се споредат 2013 година и 2012 година.
Од друга страна пак податоците за произведената струја во 2012 година и 2013 година покажуваат дека производството во овие капацитети е намалено за 727 гигаватчасови електрична енергија. Според достапните податоци од енергетските компании, кои можат да се најдат на интернет, во 2012 година производството на електрична енергија од термокапацитети е 4.4471,6 гигаватчасови, а лани производството е 3.744,6 гигаватчасови. Според тие податоци ТЕЦ Осломеј во 2012 година произвел 512,6 гигаватчасови електрична енергија, а лани само 175,9 гигаватчасови. Во битолскиот комбинат од трите блока во 2012 година дури два блока имале поголемо производство од 2013 година. Само еден од блоковите лани имал поголемо производство од тоа што го произвел во 2012 година. Вкупното производство на битолските термоелектрични централи (најголеми производители на струја во земјава) лани било 3.568,7 гигаватчасови, а во 2012 година трите блока произвеле 3.959 гигаватчасови електрична енергија.
За причините за зголемената потрошувачка на мазут наспроти намаленото производство во термоцентралите Фактор побара одговор од Електрани на Македонија.
„Мазутот не се користи во секојдневното производство на електрична енергија од постојните термоелектрани. Овој енергент се употребува во случаи за поддршка во процесот на согорување на јагленот во котлите во услови на негов променлив квалитет. Во предметниот период во тек е сложен процес на оптимизација на работата на котелските постројки за согорување на јагленот и прилагодување на работата на сите помошни уреди. Во овој процес на подесување на техничките параметри на опремата се јавува потреба од користење на мазут за поддршка на процесот на согорување на јагленот“, појаснуваат од ЕЛЕМ за Фактор.
Слично
