Тензии Македонија – ЕУ
Бегалската криза ги заостри односите меѓу Македонија и Европската унија.
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во интервју за германски Билд, се пожали дека„Македонија уште еднаш е измамена” осврнувајќи се на третманот што земјата го добива од ЕУ за справување со кризата.
Иванов нервозно обвини дека Македонија не добила финансиска помош, за разлика од Турција која наместо ветените 3 милијарди, доби шест милијарди евра.
„Веќе плаќаме за грешките на ЕУ, веќе потрошивме 25 милиони евра пари на нашите даночни обврзници, и прогласивме кризна состојба. А што добивме од Европа? Ништо! Ниту еден цент!“, изјави Иванов за „Билд“
Претседателот вели дека ова не е прв пат земјава да биде напуштена од Европската унија.
Иванов ја критикува и Германија од каде, иако била побарана помош во опрема за земање биометриски податоци, не било одговорено на овие барања.
Од друга страна, од германското Министерство за внатрешни работи ги отфрлија обвинувањата на Иванов дека Германија не сакала да соработува со Македонија во размена на податоци за џихадистите и рече дека обвинувањата биле несфатливи со оглед на тоа што Македонија разменува податоци преку европските полициски власти (Европол)
Од Берлин денеска реагираа и на тврдењата на Иванов дека Македонија не добила ниту цент за бегалската криза.
Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт (на фотографијата) тврди дека Германија со голем ангажман работи на стабилизирање на западнобалканските држави. Според него, само за Македонија ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година става на располагање 664 милиони евра.
Освен тоа, како што вели Зајберт, Македонија од ЕУ има добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците.
