Тензично интервју Шеќеринска – Богатинова
Слично како и вчерашното гостување на Зоран Заев во Сител, така и денешното на еден опозициски претставник во телевизија која важи за блиска до власта, наликуваше повеќе на дуел помеѓу новинар и политичар, отколку интервју.
На почетокот на денешното гостување во вестите на Канал 5, потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Радмила Шеќеринска потенцираше дека изминативе 8 години воопшто не добивала покани за гостување во медиумот. Уредничката Лидија Богатинова пак тврди дека СДСМ постојано биле канети.
Уредничката Богатинова во текот на интервјуто често ја прекинуваше Шеќеринска на што таа и одговори:
“Во последното гостување на Груевски, тој одговараше точно 7 минути на едно прашање а, а вие немавте храброст да го прекинете, а мене веднаш ми упаѓате во збор”.
Во тензичното интервју, прашана за тоа каква била соработката со сите досегашни први луѓе на СДСМ, Шеќеринска рече дека проблемот е во тоа што доскорешниот премиер, Никола Груевски никогаш не соработувал со опозицијата.
Потпретседателката на СДСМ со анализи од мониторингот на ОБСЕ/ОДИХР врз медиумите, пред Богатинова презентираше забелешка дека Канал 5, 46 отсто од својот простор го остапувал на ВМРО-ДПМНЕ.
Шеќеринска обвини дека во 20 дена телевизијата не дала ниту една критика за ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа причината за, како што вели, милионските суми кои влегле во медиумот.
Богатинова демантираше и рече дека таа ги нема истите анализи и не верува во нив.
Коментирајќи ги шпекулациите на медиумите блиски до власта, дали специјалната обвинителка Катица Јанева минатата вечер разговарала со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Шеќеринска ги отфрли информациите потенцирајќи дека тоа се режимски лаги.
